
Легендарниот аргентински фудбалер, Лионел Меси, неодамна го продолжи договорот со Интер Мајами до крајот на 2028 година, со што ги отстрани сите дилеми кога е во прашање неговата клупска кариера.
Аргентинецот ќе ја заврши кариерата во МЛС и нема шанси за негово евентуално враќање во Европа. Исто така, се шпекулираше дека би можел да ја заврши кариерата во Барселона, но нема ништо од тоа.
Самиот Меси зборуваше за својата кариера, Барселона и аргентинската репрезентација во интервју за каталонскиот весник „Спорт“.
Меси не криеше дека неговото најголемо жалење е фактот што нема да ја заврши кариерата во Барселона, која ја напушти во 2021 година кога замина во ПСЖ, а потоа во 2023 година замина во МЛС во тимот на Интер Мајами.
„Замислував дека ќе играм за Барселона цел живот, за тоа најмногу жалам, ми се плачеше“, истакнува Меси и додава:
„Беше чудно да си заминам вака, без вистинско збогување, но љубовта на луѓето никогаш не бледнее. Таму пораснав како личност и како фудбалер. Сè што сум, му го должам на тој клуб и град.“
Потоа се осврна и на репрезентацијата на Аргентина.
„Играњето за репрезентацијата е секогаш посебно, но сакам да бидам таму само ако се чувствувам физички подготвен, ако навистина можам да му помогнам на тимот. Не сакам да бидам товар.“
Светското првенство во 2026 година ќе биде последното големо натпреварување за Меси во дресот на „Гаучосите“.
„Време е некои нови сили да ја преземат репрезентацијата по Светското првенство во 2026 година“, рече Меси.
Лионел Меси одигра 195 натпревари за репрезентацијата на Аргентина и постигна 114 гола, а веројатно е дека по Светското првенство во 2026 година таа бројка ќе достигне 200 натпревари за репрезентацијата.
Се зборуваше за враќање во Барселона, дури и за трансфер во Галатасарај, но сè остана шпекулација. Меси ќе ја заврши својата меѓународна кариера следното лето, а играчката кариера ќе ја заврши во МЛС за две години.
Нема сомнение дека ќе се снимаат филмови за Лионел Меси кога ќе ја заврши својата играчка кариера, а за многумина тој е најдобриот фудбалер на сите времиња.











