вторник, јануари 20, 2026
Дома КУЛТУРА „Месечините на нашите животи“ – раскази од Ацо Гогов

„Месечините на нашите животи“ – раскази од Ацо Гогов

27

„Месечините на нашите животи“ е насловот на книгата со избор раскази на Ацо Гогов, која неодамна ја објави „Македоника литера“.

– Книгата содржи лирски прози, микрофикции и раскази од претходните книги на авторот, како и некои нови, необјавени раскази. Во овие мали прози е фатен светот од една чудна, изместена перспектива, некаде на границата помеѓу јавето и сонот. Авторот наоѓа начин да ја еродира баналноста на секојдневието, и да продре до метафизичките својства на постоењето, при што играта и поигрувањето, кои се јавуваат како некои од основните својства на неговиот авторски ракопис, не се само забава, туку се соочување со сопствената судбина и со судбината на светот. Неговата поетика потсетува на поетиката на Данил Хармс, Е. Т. А. Хофман… Од текстовите излегува раскошен свет, изграден од мноштвото мали и навидум неважни теми и настани и секако обични луѓе кои запаѓаат во најнеобични ситуации, посочува издавачот.

Ацо Гогов (1971, Струмица) е автор е на три книги проза: „Географија на маленкоста“ (песни во проза, 2009), „Единствен матичен број“ (кратки прози и раскази, 2012) и „Триптихон“ (кратки прози, 2017). Автор е и на две есеистички книги: „Децата на Мнемосина“ (театарски записи, 2019) и на „Патот накај дома“ (есеи, 2024). Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата по општа и компаративна книжевност (научна насока). Работи како драматург во струмичкиот театар. Застапен е во првата македонска антологија на песни во проза „Бденија и виденија“ (2013), како и во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ (2022).  Книгата ,,Месечините на нашите животи“ е избор од песните во проза, микрофикциите и расказите од трите прозни книги на авторот. Во изборот се вклучени и нови прози, необјавени досега.

ИЗДВОЕНИ