– Народната банка дејствуваше одлучно за да ги зачува макроекономската и финансиската стабилност во економијата. Како и повеќето централни банки во регионот и пошироко, беа преземени сеопфатни пакет-мерки насочени кон стабилизирање на инфлацијата, зачувување на стабилноста на девизниот курс и зајакнување на финансиската стабилност – истакна гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата што се одржа во Тирана, Албанија.
Тој посочи дека внимателно осмислената монетарна политика и мерките преземени на девизниот пазар придонеле за зацврстување на инфлациските очекувања и за постепено намалување на инфлацијата.
– Инфлацијата значително се намали во однос на нејзиниот максимум од крајот на 2022 година и повторно се сведе на едноцифрено ниво. Врз основа на преземените мерки, како и претпоставките за надворешниот и за домашниот контекст, очекуваме нејзино натамошно забавување и враќање на нивото на историскиот просек во периодот што следува – истакна Славески.
Гувернерот рече дека Народната банка и натаму е внимателна и ја води својата политика врз основа на темелни анализи и податоци, при што секоја одлука ќе се носи со разгледување на сите достапни информации и на потенцијалните ризици. Тој посочи и на низата макропрудентни мерки што ги презеде Народната банка во изминатиов период, како втора „линија на одбрана“, со кои се поддржа поставеноста на монетарната политика и дополнително се зајакнаа финансиската отпорност и стабилноста на системот.
– Притоа, сите активности беа придружени со засилена и проактивна комуникација со јавноста, која одигра важна улога во стабилизирањето на пазарните очекувања и во зачувувањето на довербата и на кредибилитетот на Народната банка – потенцира Славески.












