Власта планира мерки за цените ако забележи „трикови“ од трговците, односно непринципиелно зголемување на цените. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека состојбата се следи одблизу.
– Нема да се толерираат трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови ќе делуваме. Инаку имаме во план да носиме мерки, со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено – рече Мицкоски.
На 20 февруари годинава Владата донесе мерка со која се ограничија маржите на стотина групи производи, додека на осум производи беа замрзнати цените и оваа мерка важеше до 30 април. Оттогаш, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши вели дека нема драстично зголемување на цените.
– Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки – рече Дурмиши.