Аеродромот во Брисел е привремено затворен откако вечерва беше забележан дрон, соопштија белгиската контрола на воздушниот сообраќај и портпаролката на аеродромот.
Портпаролката изјави дека и дојдовните и појдовните летови се моментално суспендирани, но не можеше да каже колку долго аеродромот ќе остане затворен, објави Ројтерс.
Помалиот аеродром во Лиеж, исто така, соопшти дека е привремено затворен откако биле забележани дронови.
Портпаролот на белгиската контрола на воздушниот сообраќај, Курт Вервилиген, изјави дека беспилотно летало е забележано во близина на аеродромот во Брисел кратко пред 19:00 часот по Гринич и дека аеродромот е затворен од претпазливост.
Аеродромот во Копенхаген и аеродромот во Осло беа накратко затворени во септември поради забележани дронови во близина.
Дронови беа видени и над белгиската воена воздухопловна база минатиот викенд.












