Се разбира дека нема да има данок за немажени и неженети, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски и се извини на сите што погрешно ја протолкувале неговата иницијатива, но додаде дека е исто така многу загрижен за демографската состојба во државава. Сепак, оданочувањето на неженетите и на немажените кое го најави Владата како мерка за справување со демографската рецесија, беше топ-тема на разговор викендов. Освен сериозните елаборации за најавената мерка, социјалните мрежи вријат и од интересни, креативни и пародични коментари, па дури и од огласи како, на пример: „Барам жена за брак поради избегнување данок. Сè што треба е да оставите слика и капар“; „Ќе се женам, ама данок не плаќам“; „Аман, само да не ѝ текне на Владата да воведе данок и за оној што нема втор маж или втора жена, тешко нас има да биде“; „А, разведените во која категорија“… па дури и се предлагаат амандмани „жена што не знае да сука зелник, да плати данок“
Се разбира дека нема да има данок за немажените и за неженетите, изјави премиерот Христијан Мицкоски и им се извини на сите што погрешно ја протолкувале неговата иницијатива.
– Факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во државата. И факт е дека, како претседател на Владата, моја е одговорноста да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина, затоа што јас сум претседател на Влада што исклучително длабоко се занимава со демографијата и со демографските движења. Она што можам да го заклучам е дека ние тивко исчезнуваме и изумираме – истакна Мицкоски и додаде дека тоа не смее да помине незабележано.
Оданочувањето на неженетите и на немажените што го најави Владата како мерка за справување со демографската рецесија, беше топ-тема на разговор викендов. Од сериозни полемики и отворање дилеми од типот дали е недемократски, па дури и противуставно да се наметнува на поединци да живеат по наметнати норми, стандарди и размислување, бидејќи изборот е личен, па сè до заклучокот дека наскоро секој што се чувствува поинаку, ќе мора да плаќа данок. Од друга страна, пак, има и граѓани што серизно го поддржаа премиерот Мицкоски, кој ја отвори дилемата откако презенираше алармантни податоци, кои навестуваат дека белата чума, доколку не се реагира, наскоро ќе нè избрише како народ. Статистичките податоци покажуваат дека во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение, сè повеќе луѓе живеат сами, сè помалку стапуваат во брак, сè помалку деца се раѓаат. Само во последните четири години, загубивме повеќе од 33.000 жители, што е еднакво на исчезнување на еден град колку Кавадарци или Кичево. Поразувачка е и стапката на наталитет, која падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024.
– Време е Македонија да стане држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние што се иселени ќе се вратат во татковината – истакна премиерот Мицкоски и појасни дека иако Македонија не е исклучок, бидејќи ова е проблем со кој се соочува Европа и пошироко, сепак нашата состојба е посебна, затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е, вели, аларм.
Нагласи дека овој проблем се ставал под тепих од претходните влади и не се гледало на него како на сериозна закана. Додаде дека во 2024 година се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице и напомена дека тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година.
Данокот за немажени и за неженети се споменуваше и пред повеќе години, но никогаш не беше воведен. Слични мерки во вид на финансиски бенефиции за брачните двојки има во повеќе држави и во САД. Во некои случаи, венчаните двојки плаќаат помалку данок отколку поединци со иста вкупна заработка. Во Франција, Германија и во Јапонија има даночни олеснувања за брачните партнери и за семејствата со деца.
Професорот Дејан Трајковски, кој редовно ги анализира состојбите во општеството, пак, посочи дека имало ваква мерка само во тоталитарните режими: „Даноци за немажени и за неженети имало во фашистичка Италија на Бенито Мусолини, во нацистичка Германија под Адолф Хитлер, во СССР под Сталин, од 1941 до 1944, и во Романија, за време на Николае Чаушеску. Ова се прави типично во тоталитарните режими, каде што личниот живот им се потчинува на целите на државата. Ниту еден од овие режими и нивните владетели не завршиле добро“.
Освен сериозните елаборации за најавената мерка, социјалните мрежи вријат и од интересни, креативни и пародични коментари, па дури и од огласи како, на пример: „Барам жена за брак поради избегнување данок. Сè што треба е да оставите слика и капар“; „Ќе се женам, ама данок не плаќам“; „Аман, само да не ѝ текне на Владата да воведе данок и за оној што нема втор маж или втора жена, тешко нас има да биде“; „А, разведените во која категорија“… па дури и се предлагаа амандмани „жена што не знае да сука зелник, да плати данок“.
Инфлуенсерката Ина Многуфина, пак, му порача на премиерот: „Тие што те советуваат вака да ги пратиш, да идат овци да пасат, а и тие што се исмеваат на жени без деца. Немање деца не е секогаш избор, каде живеете вие? Кои сте вие, нели прогресивци ќе бевте? Ако е празна касата, така кажете, а не да се мешате у личен избор. Ќе форсираме брак сега ко да тоа е гаранција за потомство, во општество каде блудот и развратот царуваат, ќе изиграваме морална планина“.
Имаше и такви коментари во кои се наведува дека ова е само дефокус на граѓаните од политичките случувања дома и надвор, а кои се на штета на Македонија.