вторник, јули 7, 2026
Дома СВЕТ Мерц со апел до раководството на ЕУ: Забрзување на проширувањето за Балканот,...

Мерц со апел до раководството на ЕУ: Забрзување на проширувањето за Балканот, посебен статус за Украина

212
EPA/CLEMENS BILAN

Две недели пред самитот на Западен Балкан, германскиот канцелар Фридрих Мерц испрати писмо до раководството на Европската Унија во кое апелираше за забрзување на процесот на проширување, пишува „Дојче веле“.

Процесот на проширување на Европската Унија трае предолго, а одложувањето води до фрустрација и кај кандидатите за пристапување и кај земјите-членки на ЕУ, вели Фридрих Мерц во писмо, од кое извадоци објавуваат неколку германски медиуми.

Беше упатено до претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, претседателот на Советот, Никос Христодулидес и претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Проширувањето на ЕУ е геополитички императив, нагласува Мерц. За да се обезбеди брза перспектива за пристапување за земјите од Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага да им се даде привилегиран пристап до единствениот пазар, статус на набљудувач во телата на ЕУ и постепена интеграција во процесите на донесување одлуки.

Покрај тоа, германскиот канцелар повикува на отворање на сите поглавја од преговорите за Украина. Дури и пред целосното пристапување, Украина мора да биде поврзана со ЕУ преку „придружно членство“, вели Мерц.

Во оваа смисла, тој се залага за поголемо учество на Киев во институциите на ЕУ, како и во безбедносната и надворешната политика, под услов земјата да усвои закони на ЕУ.

Германскиот канцелар ја оправдува оваа иницијатива со наведување дека ситуацијата на Украина како нација во војна е единствена, но и дека, како што наведува, постигнала значителен напредок во преговорите за пристапување. Според Мерц, овој предлог има за цел и олеснување на мировните преговори иницирани од американскиот претседател Доналд Трамп.

Сепак, според германскиот канцелар, изгледите Украина всушност да постигне полноправно членство во блиска иднина остануваат нереални.

ИЗДВОЕНИ