Русија мора да се врати на преговарачката маса ако мировниот план за Украина сака да има каква било шанса, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на маргините на самитот на ЕУ и Африканската унија во Луанда, Ангола. Тој оцени дека дипломатскиот пробив оваа недела не е реален, пренесе „Хина“.
„Русија мора да биде присутна на масата. Доколку тоа се случи, секој напор би бил оправдан, а во спротивно, напорите ќе мора да се удвојат“, рече Мерц.
Берлин го поздрави напредокот постигнат од Американците, Украинците и Европејците во преговорите во Женева, кои се базираат на нацрт-мировен план од 28 точки презентиран од Вашингтон. Документот беше оценет во својата прва верзија како премногу поволен за Москва.
„Тоа е макотрпен процес (…), не очекувам пробив оваа недела“, рече Мерц.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека е „многу оптимист“ во врска со можноста за постигнување договор „многу брзо“.
Германскиот канцелар предупреди дека Европејците ќе мора да одобрат секој елемент од идниот мировен договор што се однесува на нивната безбедност.
„За нас е важно мировен план за Украина да не биде договорен без наша согласност кога станува збор за прашања што се однесуваат на европските интереси и европскиот суверенитет“, рече тој.
Првичната верзија на американскиот документ предизвика отпор од Киев и неговите европски сојузници – Париз, Лондон, Берлин и Рим – кои се собраа во Женева во неделата за да спречат договор што би личел на капитулација на Украина.
По тие разговори, САД и Украина „развија нова, ревидирана верзија на рамката за мировен договор“, која, според заедничкото соопштение, треба „целосно да го почитува суверенитетот на Украина“.
Првичниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп вклучуваше неколку барања клучни за Москва: Украина да отстапи територија, да го прифати намалувањето на својата војска и да се откаже од амбициите за членство во НАТО.
Западните безбедносни гаранции за Киев се предвидени и со цел да се спречи нов руски напад.












