Мерц: Прашање е дали Украина ќе биде примена во ЕУ до 2034 година

26
Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази сомнежи за можноста Украина да се приклучи на Европската Унија до 2034 година.

Тој рече дека пристапувањето веројатно нема да се случи во време што би влијаело на среднорочните финансиски планови на блокот, кои траат до 2034 година, пренесе „Танјуг“.

„За нас, апсолутен највисок приоритет е, пред сè, да направиме сè што е можно за да ја завршиме оваа војна. Потоа ќе разговараме за реконструкцијата на Украина, но тоа ќе трае неколку години. Веројатно нема да влијае ниту на сегашните среднорочни финансиски перспективи на ЕУ“, рече Мерц.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во февруари изјави дека Украина би можела да се приклучи на ЕУ пред 2030 година ако продолжи со реформите со сегашното темпо и квалитет.

Лидерите на ЕУ, исто така, рекоа дека пристапувањето во ЕУ би било најважната безбедносна гаранција за иднината на Украина.

Европската комисија предложи финансиски план на ЕУ од два трилиони евра за периодот 2028-2034 година.

Како дел од овој план, Европската комисија издвојува 100 милијарди евра за Украина во рамките на буџетот за проширување на ЕУ.

ИЗДВОЕНИ