Германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин изјави дека не гледа шанси Украина брзо да се приклучи на Европската Унија и ја исклучи можноста тоа да се случи веќе во 2027 година.
„Пристапувањето на 1 јануари 2027 година не доаѓа предвид, тоа е невозможно. Секоја земја што сака да се приклучи на Европската Унија прво мора да ги исполни таканаречените Копенхашки критериуми, а тоа е процес што обично трае неколку години“, рече Мерц, пренесе Тасс.
Германскиот канцелар нагласи дека е важно Украина да има перспектива што ќе го отвори патот кон пристапување, но нагласи дека тоа е долгорочен процес.
„На овој пат, постепено можеме да ја доближиме Украина до Европската Унија. Тоа е секогаш можно, но толку брзо пристапување едноставно не е можно“, рече Мерц.
Коментирајќи ја ситуацијата во Украина и мировните преговори, Мерц рече дека ЕУ е во близок контакт со американската и украинската делегација.
„Заедно ги подготвивме документите и добро е што сега се во тек директни преговори меѓу Украина и Русија. Ги следиме со голем ентузијазам и цврсто се надеваме на нивно брзо завршување“, рече канцеларот.
Фајненшл тајмс претходно објави дека украинската верзија на мировниот договор, презентирана од Соединетите Американски Држави, предвидува пристапување во Европската Унија до 1 јануари 2027 година.












