
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека капитулацијата на Украина само ќе му даде време на рускиот претседател Владимир Путин да се подготви за следната војна.
„Оваа војна мора да заврши. Но, не по секоја цена. Не сакаме Украина да капитулира. Таквата капитулација само ќе ѝ даде време на Русија, а Путин ќе го искористи тоа време за да се подготви за следната војна“, рече Мерц на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, францускиот претседател Емануел Макрон и молдавската претседателка Маја Санду во Кишињев, објави „Гардијан“.
Тој нагласи дека „вратата на Европската Унија е отворена“ за Молдавија и вети дека ќе продолжи да ја поддржува земјата „на овој пат колку што е можно повеќе“, вклучително и со испраќање германски експерти за да помогнат во спроведувањето на реформите.
Коментирајќи ја загриженоста на Молдавија за агресивниот став на Русија и истакнувајќи ги обидите на Москва да се меша во молдавската демократија, Мерц истакна дека Европа останува доследна „во зачувувањето на вашата слобода и суверенитет“.
Молдавската претседателка Маја Санду беше домаќин на тројца европски лидери по повод 34-годишнината од независноста на Молдавија во 1991 година.