Од трговски договори до автомобили, италијанската премиерка Џорџа Мелони и германскиот канцелар Фридрих Мерц сè повеќе ги здружуваат силите за да ја водат агендата на Европската Унија – ризикувајќи да го тргнат настрана францускиот претседател Емануел Макрон.
За време на неформалниот самит на лидерите на ЕУ за економска конкурентност во четврток, крајнодесничарската Мелони и конзервативниот Мерц се залагаа за заедничка визија за зајакнување на конкурентноста на ЕУ. Тоа е најновиот знак за растечката соработка меѓу Рим и Берлин, што ја доведува во прашање традиционалната француско-германска оска.
„Некои набљудувачи велат дека 2026 година ќе биде година на Италија и Германија“, рече Мелони минатиот месец на состанокот со Мерц во Рим. Имаме намера да направиме сѐ што е во наша моќ за да го зајакнеме пријателството кое е стратешко не само за нашите нации, туку и за Европа како целина,“ додаде таа.
Двајцата лидери долго време делат строг пристап кон миграцијата, но на самитот во Рим се согласија да ја прошират соработката на сè, од трговска политика до одбрана.
Тие, исто така, се согласија по неколку прашања во Брисел во последните месеци.
Во јануари, Мелони, и покрај почетната неподготвеност, конечно го поддржа трговскиот договор на ЕУ со јужноамериканскиот блок Меркосур, на задоволство на Германија. Франција, традиционален сојузник на Берлин, неуспешно се обиде да го блокира договорот од загриженост за своите земјоделци. Берлин и Италија, исто така, помогнаа во притисокот врз ЕУ да ја олесни забраната за нови бензински и дизел автомобили од 2035 година, на што Франција повторно безуспешно се спротивстави.
Италија и Германија се основачки членки на ЕУ и сојузници во воениот сојуз на НАТО. Сепак, Рим и Берлин честопати беа во конфликт, особено околу финансиски прашања – штедлива Германија наспроти презадолжена Италија.
Сепак, како што Мелони се обидуваше да го намали дефицитот, а Мерц ја прекина традицијата за зголемување на задолжувањето и инвестициите, таа стара динамика се промени. Во надворешната политика, двајцата се обидоа да одржат добри односи со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Би го опишал тоа како паралелна конвергенција“, рече Матео Виља од италијанскиот тинк-тенк ISPI.
„Коцката е фрлена и доаѓа време кога двајцата ќе бидат покомпатибилни од класичната француско-германска двојка“, изјави тој за АФП.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани во интервју за дневниот весник „Ил Месаџеро“ во среда изјави дека партнерството меѓу Италија и Германија е слично на блиските врски од времето на основањето на ЕУ.
„Почнува нова ера. Италија има водечка улога, сака да биде една од локомотивите на ЕУ“, рече тој. Тој рече дека Италија и Германија се „двете најиндустријализирани и најстабилни земји“ на блокот.
Макрон негира дека е маргинализиран
Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја е во политичка криза од предвремените избори во 2024 година, ги отфрли сите сугестии дека бил маргинализиран.
Во интервју за неколку европски весници објавено во вторник, тој рече дека е „нормално“ Рим и Берлин да ги презентираат своите предлози пред лидерите на ЕУ.
„Француско-германското партнерство е од суштинско значење за движењето на Европа напред. Но, само по себе никогаш не е доволно“, рече тој.
Тој истакна дека тој и Мелони ќе одржат свој италијанско-француски самит за неколку недели, веројатно во април во Тулуз, според дипломатски извори.
Но, односите меѓу Макрон и Мерц се заладија. Дипломатите велат дека француските обиди да го блокираат договорот со Меркосур создадоа скандал во Брисел и меѓу другите земји-членки, вклучително и Германија.
Во меѓувреме, Германија наводно размислува да се откаже од Системот за идни борбени авиони (FCAS), проект за борбени авиони со Франција и Шпанија, кој е во застој со месеци поради тензиите меѓу корпоративните партнери.
Според извештаите на медиумите, Берлин наводно ја разгледува можноста за соработка со Италија во Глобалната програма за развој на борбени авиони (GCAP) заедно со Велика Британија и Јапонија.
„Раздорите меѓу Париз и Берлин значат дека Берлин мора да бара други партнери“, изјави за АФП Томас Мадок, соработник во Центарот за европски реформи во Лондон.
Коментарот во германскиот таблоид „Билд“ беше уште побрутален.
„Мерц знае дека, за Европа да има глас на меѓународната сцена, ѝ се потребни силни партнери покрај себе“, се наведува во него. Спротивно од Франција, Италија сега е земја со стабилна влада и успешна економија,“ пишува „Билд“.












