Германскиот канцелар Фридрих Мерц во вторник ги покани САД да се приклучат на состанок на високо ниво во Берлин на почетокот на следната недела за евентуално примирје во Украина.
Средбата, на која се очекува да учествуваат клучните европски лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, има за цел усогласување на ставовите за брзо развивачките мировни напори, објавува бриселскиот „Политико“.
Мерц рече дека од САД е побарано да учествуваат, но дали ќе се приклучат во голема мера ќе зависи од напредокот во разговорите во текот на викендот меѓу Е3 – Велика Британија, Франција и Германија – и Украина и САД за основните документи.
Тие вклучуваат европски предлог за можни територијални аранжмани, кој беше испратен во Вашингтон дури доцна синоќа.
„Главно се однесува на прашањето какви територијални отстапки е подготвена да направи Украина“, рече Мерц по разговорите со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.












