Мерц ги покани Трамп, Зеленски и Руте на виртуелна средба пред самитот во Алјаска

238
EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги покани американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на виртуелен состанок денес, како и генералниот секретар Марк Руте и неколку високи претставници на Европската унија (ЕУ), пред самитот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Канцеларијата на Мерц соопшти дека виртуелните разговори, закажани за среда, ќе се фокусираат на моменталната ситуација во Украина, пред состанокот меѓу Трамп и Путин во американската држава Алјаска во петок, 15 август.

Планирани се и дискусии за опциите за вршење притисок врз Русија, а се разгледуваат и подготовки за можни мировни разговори и прашања за територијални претензии и безбедност, додаде канцеларијата на Мерц.

Зеленски не е поканет на самитот во Алјаска, ниту пак претставници од западноевропските земји или ЕУ.

Руте по повод самитот изјави дека состанокот во голема мера ќе покаже дали Путин е посветен на мирот, односно дали сака да ја заврши војната што Русија и Украина ја водат од февруари 2022 година.

Тој верува дека Трамп е подготвен да изврши притисок врз Путин, објави порталот Политико од Брисел.

ЕУ свика итен состанок на министрите за надворешни работи на своите земји-членки пред самитот за да се обиде да влијае на неговиот исход, а од страв дека Путин ќе се обиде да прогласи политичка победа во војната.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави пред состанокот дека сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина.

„Додека работиме кон одржлив и праведен мир, меѓународното право е јасно: Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина. Одржливиот мир исто така значи дека агресијата не може да биде наградена“, рече таа.

ИЗДВОЕНИ