
Германскиот канцелар Фридрих Мерц опиша „одредени сектори“ од германската економија дека се во „многу критична состојба“.
Тој се осврна на прашањето во писмо до пратениците, велејќи дека оживувањето на економскиот раст ќе биде главен приоритет на неговата влада оваа година.
Иако Мерц не прецизираше на кои сектори мисли, германската автомобилска индустрија веќе некое време страда од падот на продажбата во Кина, а проблемите на секторот се прелеаја и на остатокот од економијата.
„Затоа ќе мора да се фокусираме на донесување правилни политички и правни одлуки во 2026 година за фундаментално подобрување на деловната средина“, напиша Мерц во писмото до кое имаше увид „Блумберг“.
Тој призна дека владата не направила доволно во првите осум месеци од својот мандат за да ја подобри конкурентноста на германската економија.
Германската економија продолжува да се бори, и покрај реформите и лансирањето на фонд за инфраструктура од повеќе стотици милијарди евра финансиран од долг.
Економските советници на Мерк ги намалија проценките за раст за оваа година на под 1 процент, додека Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека на Германија ѝ се потребни „смели“ реформи ако сака долгорочен просперитет, пренесе „Блумберг“.
Конзервативниот блок на ЦДУ, предводен од Мерк, се залага за сеопфатна пензиска реформа, даночни олеснувања за компаниите и намалување на социјалните трошоци, на што во голема мера се спротивставуваат социјалдемократите, неговите коалициски партнери.
Писмото на канцеларот е дел од поширок обид за ресетирање на работата на владата по година обележана со бројни грешки.
Во понеделник, Мерк го отпушти еден од неговите најблиски помошници, шефот на кабинетот Јакоб Шрот, и објави дека ќе биде заменет од Филип Биркенмаер, партиски менаџер на ЦДУ со силни врски со деловната заедница.
Канцеларот и раководството на ЦДУ ќе одржат дводневен состанок во Мајнц во петок за да разговараат за планираните социјални реформи, за кои се очекува дополнително да ги затегнат односите со нивните социјалдемократски партнери.
Во годината во која Германија се соочува со пет покраински избори, постојат и стравувања дека десничарската АфД би можела да добие дополнителна сила.











