Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, мора да биде присутен на самитот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин. Тој истакна дека не може да прифати оти претставниците на Украина и ЕУ не се консултираат за прекин на руската војна во Украина.
„Се надеваме и претпоставуваме дека украинската влада, претседателот Зеленски, ќе биде дел од овој состанок“, рече Мерц во интервју за германската телевизија АРД.
Тој додаде дека не може да прифати територијалните прашања да ги дискутираат и одлучуваат само Вашингтон и Москва, без консултации со ЕУ и Украина, и дека претпоставува дека Вашингтон го дели неговиот став.
Мерц рече дека Берлин тесно соработува со Вашингтон за да се обиде да обезбеди учество на Зеленски во преговорите и дека се надева дека мировниот договор меѓу Русија и Украина ќе напредува преку разговорите.
„Се надеваме дека ќе има пробив (во мировните преговори) во петок“, рече тој, додавајќи дека се надева дека ќе има прекин на огнот, што би овозможило мировни преговори во Украина.