Две екоакции на пошумување се реализираа деновиве. Организацијата „Мен енд маунтен“, која е креатор и организатор на проектот „Зелена Сончева“, реализираше уште една „Сончева гора“, овој пат се пошумуваше во скопско Кучково, заедно со официјалните партнери на еколошката акција „Генералка викенд“, чиј медиумски партнер годинава беше весникот ВЕЧЕР.
По Скопје, Зелената иницијатива на ТАВ Аеродроми „Садиме денес за одржливо утре“, се реализираше и во Охрид. Вработените од охридскиот аеродром, предводени од генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, и од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, заеднички засадија 20 црвени сливи во центарот на градот во должина на булеварот „Македонски просветители“ и по улицата „Партизанска“

Две екоакции на пошумување се реализираа деновиве. Организацијата „Мен енд маунтен“, која е креатор и организатор на проектот „Зелена Сончева“, реализираше уште една „Сончева гора“, овој пат се пошумуваше во скопско Кучково заедно со официјалните партнери на еколошката акција „Генералка викенд“, чиј медиумски партнер годинава беше весникот ВЕЧЕР.
Гордана Софија од „Мен енд маунтен“ вели дека годишните акции за пошумување на „Сончева гора“ од 2022 година се реализирани во соработка со „Генералка викенд“ и со ЈП „Национални шуми“.
– Главната цел на ова заедничко пошумување – покрај садењето багреми и јавори – беше да се собереме и да размениме идеи и искуства за уште поуспешна „Генералка викенд“ во 2026 година. Се посадија дел од предвидените пошумувања на „Сончева гора“ и тоа 520 садници во Кучково, а продолжуваме во февруари следната година со садење во околината на Охрид со 820 садници и создавање парк во Општина Неготино – вели Софија за весникот ВЕЧЕР.
Во акцијата во Кучково вчера учествуваа 150 волонтери од партнерските компании и од волонтерскиот центар Скопје. Најбројни беа Макстил со 100 волонтери.
– „Сончева гора“ е симбол на надеж и на нова зелена иднина за сите нас. Од следната година продолжуваме со садења директно во општините каде што дрвјата се најпотребни. Во секоја општина ќе биде засадена и подигната „Сончева гора“ – вели Софија.
Инаку, „Генералка викенд“ и „Сончева гора“ е холистичко заокружување на проектот „Зелена Сончева“, што се случува секоја година од 2021 година и ќе трае до 2031 година.

По Скопје, Зелената иницијатива на ТАВ Аеродроми „Садиме денес за одржливо утре“, се реализираше и во Охрид. Вработените од охридскиот аеродром предводени од генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, заеднички засадија 20 црвени сливи во центарот на градот во должина на булеварот „Македонски просветители“ и улицата „Партизанска“. Зелените акции за садење дрвја претставуваат траен и одговорен придонес кон создавање поздрава и поодржлива средина во заедниците каде што работат двата македонски аеродроми – меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид.
– Горд сум што втора година по ред ја спроведуваме нашата зелена иницијатива „Садиме денес за одржливо утре“. Минатата година засадивме чинари покрај брегот на Охридското Езеро, а сега засадивме декоративни сливи кои ќе го разубавуваат центарот на градот. Нашата стратешка цел кон одржливост се совпаѓа со активностите на Општина Охрид за заштита на животната средина. Би сакал да им се заблагодарам на нашите вработени кои волонтираа и ни се придружија, како и на градоначалникот на Охрид и на вработените во Општината, со кои заеднички го дадовме нашиот придонес со секое засадено дрво. Ја делиме истата грижа за иднината. Со оваа акција, покажуваме дека малите чекори водат до големи промени – кон позелени заедници, почист воздух и подобар живот за сите – изјави Курт.

Преку реализираните зелени иницијативи во Скопје и во Охрид, кои се спроведуваат втора година по ред, ТАВ Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон заедниците и кон животната средина, акција која станува традиција и преку која ќе продолжи да ја поддржува грижата за природата и за проектите што создаваат трајни, позитивни промени во општеството.
(С. Бл.)












