„Меморијалната поставка на Петре М. Андреевски во Слоештица не е запоставена, а ракописите се безбедни“, посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков по вчерашната посета на родното село на нашиот книжевен великан.

„Иако најавата за посета на Слоештица ја објавив по реакцијата на Венко Андоновски, сепак, таа во нашата агенда беше најавена пред петнаесетина дена како дел од редовните посети на општините. Она што силно испровоцира е постот на Андоновски, по која бевме сериозно загрижени дека поставката се чува во несоодветни услови, дека има премногу влага и дека предметите се во критична состојба. Сепак, од ова што можам да го видам, тоа е апсолутна невистина. Она што исто така беше кажано е дека ракописите се под влага и се распаѓаат, што е, исто така, невистина, бидејќи тие се наоѓаат во Македонската академија на науките и уметностите“, посочи при вчерашната посета на село Слоештица, министерот Љутков. Тој додаде дека Министерството за култура е најмалку повикано во оваа ситуација.

„Добивме еден допис на 30 јули од фамилијата за состојбата на поставката, кога јас бев заминат на пат, а го видов кога се вратив од „Охридско лето“ и кога постот веќе беше објавен, така што немав време да реагирам. Доколку има некаков реален проблем, а гледам дека нема, фамилијата треба да ми се обрати за да го решиме, наместо да се прават сензационалистички вести од ликот и делото на великанот Петре М. Андреевски“, додаде министерот Љутков, кој посочи дека не треба да се предизвикуваат проблеми кои реално не постојат.

„Постојат повеќе опции како би се решила оваа ситуација. Едната е како и досега овој објект да го води и за него да се грижи новоформираната невладина организација, бидејќи тоа е и дел од договорот и треба да им се даде шанса. Доколку не успее тој процес, може да биде под капата на Домот на културата и да се вклучи Министерството со одредена поддршка“, истакна меѓу другото Љутков. Тој посочи дека проблемите треба да е решаваат институционално, а притоа треба да е објави вистината.

Градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, пак, посочи дека вработените од општината на терен биле испратени веќе наредно утро и дека фотографиите тогаш и биле направени.

„Јас навистина не можам да разберам зашто се крена фама за нешто што не е вистина“, додаде Најдовски.

Министерот претходно изјави дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, да обезбеди институционален простор во рамки на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со трајна поставка достапна за јавноста.

Тој вчера ја посети општината Демир Хисар, каде оствари средба со градоначалникот и ги посети институциите од областа на културата што го обликуваат културниот живот во овој регион, меѓу кои и НУ Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“, Домот на културата „Илинден“ каде е сместена и библиотеката „Петре М. Андреевски“, библиотека „Ал-Би“ во с. Бабино и Слепчевскиот манастир… (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ