Македонскиот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО и словенечката енергетска берза БСП потпишаа Договор со кој официјално започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден (Intraday Market), кој треба да биде ставен во функција до крајот на вториот квартал од 2026 година.
Договорот го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на БСП и претседател на управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
По потпишувањето на Договорот, одржан е и почетен (kick-off) состанок со претставници на БСП, со што официјално започнаа активностите за воспоставување на пазарот во тековниот ден, чија целосна имплементација е планирана до крајот на вториот квартал од 2026 година.
Со договорот се продлабочува соработката меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ, која започна со пазарот „ден-однапред“ во мај 2023 година и од тогаш бележи континуиран раст.
Според управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, воспоставувањето на Intraday пазарот е клучен чекор кон европска пазарна интеграција.
– Овој договор е логично продолжение на веќе воспоставената соработка со БСП и ЕПЕКС СПОТ и важен чекор кон целосна пазарна интеграција. Работиме со реномирани европски берзи, со кои градиме партнерство базирано на доверба, транспарентност и резултати – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека по потпишувањето на договорот започнале и активностите за техничка и организациска имплементација.
– Intraday пазарот им овозможува на учесниците навремено да ги коригираат своите позиции и значително придонесува кон намалување на дебалансите во системот – нагласи Ѓорѓиевски.
Извршниот директор на БСП, Анже Предовник, оцени дека договорот претставува стратешка пресвртница за земјата.
– Со овој проект Македонија прави сериозен и кредибилен чекор кон европската пазарна интеграција. Поддршката од Министерството и соработката меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ се гаранција дека земјата ќе биде меѓу првите во регионот што ќе се приклучат на Единствениот европски пазар – истакна Предовник.
Министерката Сања Божиновска порача дека воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е клучно за модернизација на енергетскиот сектор.
– Со вакви конкретни проекти ја зајакнуваме стабилноста, транспарентноста и енергетската безбедност на државата. Intraday пазарот носи поголема флексибилност и подобро управување со обновливите извори – изјави Божиновска.
Со овој договор, МЕМО ја продолжува стратегијата за развој на организиран и европски усогласен пазар на електрична енергија.












