Италија предложи Украина да добие безбедносни гаранции преку механизам за колективна помош што нема да го вклучува НАТО, објави Блумберг. Европските лидери разговараат за безбедносни гаранции за Украина што би ги обврзале сојузниците на Киев да одлучат во рок од 24 часа дали да обезбедат воена поддршка на земјата доколку Русија повторно ја нападне, се вели во текстот.
Клаузулата за колективна одбрана е слична на одредба во НАТО, но не подразбира членство на Украина во алијансата, според предлогот што им го презентираше на западните лидери италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Италијанскиот план признава дека членството на Украина во НАТО не е на дневен ред, но би понудил механизам за колективна помош како следната најдобра опција, изјавија извори запознаени со ова прашање за Блумберг.
Една опција за механизмот предложен од Италија би бил билатерален договор меѓу Рим и Киев, потпишан во 2024 година, кој содржи меѓусебни безбедносни аранжмани. Разговорите се во тек и планот е предмет на промена, предупредија изворите.