
Израел мора веднаш да ја запре кампањата во Газа и да ги заштити цивилите во палестинската енклава, изјави денес италијанскиот премиер Џорџа Мелони.
„Израелскиот одговор доби неприфатливи форми и мора веднаш да запре, заштитувајќи го цивилното население“, рече Мелони, објави „Анса“.
Италијанската влада долго време изразуваше поддршка за Израел, но италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани минатата недела изјави дека продолжувањето на нападот на Израел врз Појасот Газа станало неприфатливо и мора веднаш да запре.
Мелони кон средината на мај изјави дека имала неколку разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и го повикала да најде решение за хуманитарната криза во Појасот Газа, како и да ги прекине непријателствата во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право.