Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, упати сериозни обвинувања против Мекларен, тврдејќи дека намерно го саботира Оскар Пјастри за да му даде предност на Ландо Норис во завршницата од шампионатот.
Во ексклузивно интервју, 95-годишниот Британец рече дека „постојат јасни разлики во третманот на возачите во тимот“ и дека Австралиецот ги трпи последиците од таквиот пристап.
Берни Еклстон отсекогаш бил познат како човек со став, кој не се плаши да го каже своето мислење. Тој верува дека Мекларен го променил курсот во текот на сезоната и дека се фокусирал на Норис.
- Да, така изгледа. Мекларен го фаворизира Норис во вториот дел од сезоната. Не заборавајте, Пјастри беше очигледно побрз на почетокот од годината, сега тимот го забавува неколку пати и со различни методи – порача Еклстон.
Иако не даде конкретни примери, поранешниот шеф на Формула 1 тврди дека Мекларен свесно го променил начинот на кој ги одредува стратегијата и приоритетите.
- Мекларен го претпочита британскиот возач, бидејќи има поголемо медиумско внимание, поголемо признание и му носи поголема комерцијална вредност. Веројатно, затоа им е полесно да го стават Норис во преден план – додаде Еклстон.
Според него, во тимот сè повеќе се зборува за таканаречените папаја правила, внатрешни одлуки што, како што вели, му штетат на Пјастри.
- Австралиецот е видливо фрустриран, исцрпен и уморен од бесконечните дискусии за приоритетите во тимот. Притисокот е огромен, а Пјастри е свесен дека повеќе не може да победува толку лесно како порано. Сето ова го нервира, бидејќи му е јасно дека Норис има привилегирана позиција – смета Берни.
Сепак, Еклстон не верува дека возачите на Мекларен на крајот ќе решат само за титулата. Според него, сè уште зависи од Макс Верстапен.
- Верувам дека Макс повторно ќе победи. Тој има нешто особено, исклучително. А, следната трка е во Бразил, каде што времето е непредвидливо, и тој секогаш го користи тоа. Верстапен не е политичар, тој е вистински возач – заврши Еклстон.
Моментално, Норис води на табелата со минимален еден бод предност пред Пјастри, додека Верстапен заостанува 36 бода.
- Мекларен има двајца одлични возачи и одличен болид, но Верстапен е уникатен. Тој е оној што е посебен – Еклстоун не крие за кого навива.











