Возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри, се дисквалификувани по трката за Големата награда на Лас Вегас, па борбата за титулата останува уште поинтересна во пресрет на последните две трки.
Норис го освои второто место, Пјастри ја помина целта на четвртото место, но на крајот, двајцата останаа без бодови, а најголема корист од сето тоа извлече Макс Верстапен.
Веднаш по трката, Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) започна истрага и утврди дека двата болида на Мекларен имале одредени технички неправилности, поради што останаа без бодови. Поточно, дебелината на подот на болидот (поточно дебелината на заштитната плоча) била под минималната дозволена дебелина.
Шефот на Мекларен, Андреа Стела, им се извини на возачите по трката во Лас Вегас.
- Им се извинуваме на Ландо и на Оскар за загубата на бодови во критичен момент од нивните шампионски кампањи по два силни настапи во текот на викендот. Како тим, им се извинуваме и на нашите партнери и фанови, чија поддршка ни значи многу. Иако овој исход е исклучително разочарувачки, ние остануваме целосно фокусирани на последните две трки од сезоната, истакна Стела.
Тој додаде дека двата болида на Мекларен доживеале неочекувано високо ниво на триење за време на трката, што не било видено за време на тренингот, што довело до прекумерен контакт со земјата и до оштетување на заштитната плоча.
- Ги истражуваме причините за ваквото однесување на болидите, вклучувајќи го и ефектот од случајна штета што ја претрпеле двата болида, што ја откривме по трката и што доведе до зголемено оштетување на подот. Како што забележа ФИА, прекршувањето било ненамерно, немало намерен обид за заобиколување на прописите и имало олеснителни околности, додаде Стела.
Ова не е првпат возачите да бидат дисквалификувани поради проблеми со абењето на подот на болидот, на Луис Хамилтон му се случи истото во Кина, додека Нико Хулкенберг беше „избришан“ од трката во Бахреин.
Победникот во Лас Вегас, Макс Верстапен, освои 25 бодови, додека неговите главни конкуренти останаа неефикасни. На две трки до крајот (плус спринт), Холанѓанецот има исто бодови колку што има и Пјастри, додека далеку напред е Норис со 24 бода повеќе од останатите двајца.
Следниот викенд ќе има трка и спринт во Катар, по што ќе следи „финалето“ во Абу Даби.











