Механизмот е во рацете на парламентарците: Првата антикорупционерка доби обвинение, но не даде оставка, ќе се активира ли Собранието?

522

Татјана Димитровска и натаму е претседателка на Антикорупциската комисија, иако е поднесено обвинение против неа за одавање службени тајни во случајот „Адитив“, како и за лажирање на сертификатот за државна тајна. Таа сè уште не поднела оставка, а ДКСК смета дека одговорноста е индивидуална и не го попречува редовното функционирање на институцијата. Според поранешната претседателка на Антикорупциска, Билјана Ивановска, оваа задача останува во рацете на пратениците, кои и досега, со оглед на фактот што на Димитровска ѝ беше изречена мерка забрана за вршење на должноста, требаше да го земат случајот во свои раце.

– Не знам зошто Собранието не го направи тоа досега. Собранието, пред кое одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија, има законска можност, но и обврска за да реагира и да ја разреши, потоа да избере нов претседател и со тоа да ѝ стави крај на оваа темна страница на институцијата – изјави Ивановска за весникот ВЕЧЕР.

Додава дека овој случај, несомнено, им нанел тежок удар и на општеството и на граѓаните и, се разбира, на институцијата, но дека не е момент да се седи со скрстени раце.

– Во насока на зголемување на интегритетот на ДКСК, ние сме правеле и регистар со ризици од корупција со мерки како да се надминат тие. Сега треба да се преиспита тоа, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат – рече експретседателката на ДКСК.

Од ДКСК за „360 степени“, пак, изјавија дека институцијата има кредибилитет да ја продолжи својата работа.

– Ве известуваме дека Државната комисија продолжува да работи редовно и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување корупција и судир на интереси, а нејзиното функционирање е од исклучителна важност за општеството. Одговорноста е индивидуална, поради што Комисијата поседува кредибилитет и продолжува со своето работење.

Како ќе се развива ситуацијата не е познато, но уште пред три месеци претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека „не планира да поведе постапка за разрешување на првата антикорупционерка, Димитровска, додека судски не се докаже дека е виновна за корупција“.

Инаку, претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, доби обвинение за одавање службена тајна, а истрагата покажала дека поседувала безбедносен сертификат кој за неа го полагал колега од Ревизија. Според Обвинителството за гонење организиран криминал, Димитровска со месеци доставувала на обвинет во предметот „Адитив“ информации што биле тајна.

– Преку својот службен телефон и апликациите „Вибер“ и „Вотсап“, му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“, службени белешки за отворање предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по нив, како и податоци за проверка на имотот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејства, таа открила податоци што согласно со закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК – информираат од ОЈО-ГОКК.

Додаваат дека Димитровска, која морала да поседува сертификат за чување службена тајна, го добила откако испитот за неа и во нејзино име го положил нејзин колега од Државниот завод за ревизија.

– На обвинетата ѝ се става на товар и дека со цел да добие сертификат за положен испит, во август 2024 година, од службениот телефон, преку апликацијата „Вибер“, на третообвинетиот – ревизор во ДЗР му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации – додава ОЈО-ГОКК.

Има обвинение и за ревизорот, кој, како третообвинет, од службениот електронски уред на ДЗР пристапил од електронската адреса на Димитровска и го положил тестот за класифицирани информации. Врз основа на тој сертификат, таа имала пристап до национални класифицирани информации со степен државна тајна.

 

ИЗДВОЕНИ