МЕЃУПАРТИСКИТЕ ИСКРЕЊА ОКОЛУ НОВИТЕ ПАТИШТА ВО СЛЕПА УЛИЦА: Чии се завршените капитални проекти – на оние што ги почнале или на оние што ги завршиле?

48

Кој ги направил новиот автопат, новата пруга, новиот мост, тунел… оваа или претходната влада, министер, или оние и пред нив? Како се определува во „чие време“ се направија крупни инфраструктурни проекти чие правење надминува четиригодишни владини мандати – со почетокот или на крајот на градбата? Кој сè треба да присуствува на свеченото отворање?… Вакви дилеми одново се наметнаа по завчерашното отворање на новата автопатска делница од Фариш до Дреново долга 10,2 километри, вредна 47 милиони евра. На вчерашното свечено отворање можеше да се слушне како претставниците на актуелната власт речиси сите заслуги си ги припишуваат себеси.

-Буквално, планина се помести за да се изгради овој експресен пат и да е безбеден, што е многу значајно. Замислете, претходната Влада не помислила дека е возможно, ако цела карпа стои на патот, во дадени временски услови, не дај Боже, истата да се сруши и на патот – изјави на отворањето министерот Александар Николовски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, тој упати и обвинувања до претходната власт предводена од СДСМ дека манипулирала кога на сè уште незавршениот автопат снимала изборни спотови како патот да е целосно завршен. Но, на вакви тврдења дојде и одговор од сега опозициската партија СДСМ дека се работи за нивен проект.

–Овој патен правец беше преку 90 отсто реализиран во времето на владата предводена од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, по цела година власт, се слика на отворање на пат за кој само санираа едно свлечиште, поставија сигнализација и неколку огради – соопштија опозициските социјалдемократи.

Градежните работи на овој голем инфраструктурен проект започнале во 2016 година кога премиер беше Никола Груевски. Вчера, и тој се јави со реакцијата.

–Лага е дека СДСМ завршил 90 отсто од работите на делницата Фариш – Дреново. Немам податок колку во оваа една година завршила актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но знам дека владата која јас ја предводев заврши околу 40-50 проценти од градежните работи – порача поранешниот премиер.

Практично, секоја страна си тврди дека имала клучна улога во завршувањето на повеќегодишниот проект кој граѓаните го чекаа цели девет години… Социолозите и комуниколозите укажуваат дека ваквиот однос не е во ред. Универзитетски професор и социолог, Ѓорѓи Тоновски, за ВЕЧЕР вели дека е потребна промена на односот.

– Односот кон направените проекти треба да биде во духот дека „Македонија гради, дека Македонците прават успешен проект и со што државата станува подобра“. Ова од причина што се знае дека тие проекти се прават со парите од граѓаните. Но, за жал, кај нас сè се политизира, се става во функција на партиските потреби, во функција на собирање на изборни поени – вели Тоновски.

Слични меѓупартиски препукување имаше и на почетокот на годинава кога се пуштаа две патни делници градени од различни влади. Патот  Страцин – Крива Паланка беше започнат во 2018 година а завршен на почетокот на оваа и веднаш повлече обвинувања кој повеќе го направил. Обвинувања имаше и за првиот дел од делницата Градско – Дреново. Граѓаните уште се сеќаваат на пуштањето на автопатската делница Демир Капија – Смоквица во 2018 година откако почна нејзината градба во 2012 година. И тогаш имаше само присуство на претставници на тогашната власт на чело со експремиерот Зоран Заев, надополнето и со играње на чочек, со зурли и тапани…

Она што посебно се забележува на свеченостите е фактот што на нив, со ретки исклучоци, речиси исклучиво присуствуваат актуелни, државни и локални функционери. Односно, не се покануваат оние функционери од спротивниот партиски табор кои, сепак, работеле на проектот.

– Треба да има заедничко присуство, па и да се каже дека и претходниците учествувале во градењето на тој проект и дека тој е направен заеднички. Јасно, зависи и од опозицијата дали ќе прифати да присуствува на таквите настани, оти и опозицијата знае да политизира. Но, заедничкото присуство на вклучените би било нов цивилизациски дострел во нашата практика, наведува Тоновски.

Според комуникологот Бојан Кордалов, институциите треба да покажат континуитет оти, на пример, автопатот Скопје – Штип не го градеа Никола Груевски или Зоран Заев, т.е. ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, туку Владата и тоа со пари од граѓаните и компаниите.

– Оттаму, апсолутно треба да има заедничко присуство на церемониите. Тоа е основна култура и континуитет во една држава. Ама, сè додека партиите и нивните претставници се однесуваат на овој начин, не очекувам, ниту сметам дека некој очекува да имаме такви инклузивни церемонии. Бидејќи, дури и да се обидеме да ги викнеме сите, тие настани повеќе ќе наликуваат како оние свадби каде сватовите се групираат и не сакаат да се измешаат едни со други – потенцира Кордалов.

Социологот Тоновски додава дека церемониите на свечени отворања треба да бидат без говори во кои се обвинува спротивната страна.

– Ако е нешто веќе свечен чин, ако е свеченост, тогаш треба да доминира и позитивната енергија и така треба да помине. Утредента, може да се укажува на негативностите и ако се смета дека имало злоупотреби, може да се покрене постапка пред надлежните органи. Вака, со обвинувањата од бината само се внесува зла крв – смета овој социолог.

Кордалов, пак, потенцира дека на партиите им е најважно погласно да ја кажуваат својата страна на приказната или својата вистина. (Б.Ѓ.)

Консензус за долгогодишни проекти

Лошите искуства со присвојувањата на одредени проекти од страна на партиите кои го вршат свеченото отворање, за експертите, водат кон потребата градбата на објекти кои ќе опфатат мандати на повеќе влади да биде со претходен консензус. – Консензусот за градбата е апсолутно потребен. Друго решение нема. И ова не е измислување топла вода, туку механизам во сите развиени држави. Компромисот е основа на сѐ, особено во водењето на политики  – наведува Кордалов.

ИЗДВОЕНИ