Меѓународната награда „Н. К. Казер“ на Никола Маџиров ќе му се додели на 3 јуни

32

Никола Маџиров е добитник на меѓународната награда за поезија „Н. К. Казер“, која ја доделува „Литератур Лана“ во Јужен Тирол, на северот од Италија. Наградата се доделува на секои две години, а Маџиров е 19. добитник во речиси 40-годишната историја на оваа престижна меѓународна поетска награда.

Наградата се состои од признание и паричен износ од 10.000 евра, а церемонијата на врачувањето на наградата ќе се одржи на 3 јуни во Лана, на северот од Италија, каде што поезијата на Маџиров ќе се чита на македонски, германски и италијански јазик. Беседа за неговата поезија ќе одржи германскиот писател и уредник, Михаел Кригер, добитник за животно дело на Лондонскиот саем на книгата.

Во образложението за наградата е наведено: „Маџиров спаѓа во највпечатливите гласови на Европа. Тој е ретко кревок во својата радикалност. Постојано ги разнишува утврдените нешта, ја руши историјата и ги преминува сегашноста и минатото според законите на сеќавањето, кое неуморно талка низ времињата. Во поезија полна со митски и секојдневни слики, тој го открива изгубеното и незнајното и им придава блескав израз. Иако знаеме дека сме во овој свет само за кратко време, некои луѓе се однесуваат како светот да им припаѓа ним. Дури и книжевниците не се ослободени од оваа ароганција. Сепак, Никола Маџиров избира да ѝ пристапи на реалноста со голема скромност. Тој речиси станува невидлив за да им дозволи на своите песни да блеснат“.

Меѓу досегашните добитници биле и лауреатот на Струшките вечери на поезијата — Генадиј Ајги, добитникот на наградите „Т.С. Елиот“ и „Форвард“ — британскиот поет Џон Брнсајд, германската поетеса и лауреатка на наградите „Георг Бихнер“ и „Георг Тракл“ — Елке Ерб, добитничката на меѓународната поетска награда „Грифин“ — американско-белоруската поетеса Валжина Морт, шведската поетеса Осе Берг, а последен добитник беше швајцарскиот поет и лауреат на наградите „Монтале“ и „Шилер“ — Фабио Пустерла.

Наградата е именувана според поетот Н. К. Казер (1947-1978), кој пишувал на италијански и германски јазик, познат по својот радикален поетски израз, по немирниот и номадски дух наспроти кревкото здравје, а самиот бил преведувач на поезијата на Умберто Саба и Салваторе Квазимодо.

Поезија и есеи на Маџиров во превод на Александер Зицман ќе бидат вклучени во антологијата по повод јубилејот „40 години Литератур Лана“ заедно со другите добитници на Лана наградите и соработници како нобеловките Херта Милер и Светлана Алексиевич, Томас Венцлова, Џон Брнсајд, Марија Степанова и други.

По церемонијата на наградата во Лана, Маџиров продолжува со читања во Антверпен, Џенова, Берлин, Дрезден и други градови во Европа.

ИЗДВОЕНИ