Меѓународна изложба на дела од отпад од пакување „Заедно за почиста животна средина“   

18

Друштвото за управување со амбалажа и отпад од амбалажа, „Еуро-Екопак“, во соработка со Детскиот ликовен центар, распишаа јавен повик за учество на меѓународната изложба на дела „Творење и креирање на дела од отпад од пакување – 2025“, која оваа година се одржува под насловот „Заедно за почиста животна средина“.

Повикот ќе биде отворен до 17 ноември, a учесниците имаат целосна слобода да ги изберат тематиката, мотивите и материјалите со кои ќе работат, во консултација со своите ментори – наставници и професори по ликовно образование.

Можат да учествуваат ученици од основните училишта (од 11 до 14 години) и средните училишта (од 15 до 18 години). За изработка на творбите може да се користат отпадни материјали од пакување како што се пластични шишиња, лименки, картон, хартија и други материјали.

– „Еуро-Екопак“ веќе 14 години континуирано работи на едукација и на подигање на јавната свест за правилно постапување со отпадот од пакување и негова правилна повторна употреба. Нашата мисија отсекогаш била да покажеме дека секој поединец, без разлика на возраста, може да придонесе кон создавање почиста и поздрава животна средина. Преку вакви иницијативи, сакаме да им овозможиме на младите да ја препознаат вредноста на одговорното однесување и да развијат креативен однос кон материјалите што секојдневно ги користат. Отпадот од пакување да не заврши на депонија, туку да претставува нов почеток и можност за создавање нешто уметничко, инспиративно и корисно за заедницата – изјави Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“.

Дозволени се различни форми на уметнички израз – скици, цртежи, колажи, релјефи или скулптури од хартија и картон (со димензии на блок брoj 5), како и скулптури изработени од комбинирани материјали со големина до еден метар. Во рамки на повикот, младите учесници ќе имаат можност да создадат уметнички дела од материјали од отпад од пакување, пренесувајќи порака за одговорно однесување кон природата.

Изработените дела треба да се достават во просториите на Детскиот ликовен центар – Скопје, во библиотеката „Другарче – Кинотека“. Дела изработени од хартија и картон може да се испраќаат и по пошта, а фотографирани дела на [email protected]

Стручна комисија ќе ги избере најкреативните решенија кои на најинспиративен начин ја пренесуваат пораката за рециклирање и заштита на животната средина.

Најдобрите дела ќе бидат наградени со прво, второ и трето место за поединечни остварувања, како и со награда за групно дело. Отворањето на изложбата и доделувањето на наградите (вредносни ваучери) ќе се одржи на 26 ноември, а од 28 ноември дел од највпечатливите дела ќе бидат изложени и во трговскиот центар „Сити Мол – Скопје“.

 

 

ИЗДВОЕНИ