Традиционално, Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, почнува на Денот на независноста, а завесата на 33. издание годинава ја кренаа актерите од НТ „Антон Панов“ – Струмица со претставата „Синот“ од Флоријан Зелер, во режија и сценографија на Благој Мицевски.

Годинашното фестивалско издание за отворено го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

– Струмица отсекогаш била град со отворен дух, град што знае да ја цени врвната уметност и да ги пречека пријателите со раширени раце. Верувам дека така ќе биде и на ова 33. издание на Меѓународниот фестивал, на кое уште еднаш ќе ја потврдиме нашата длабока и искрена почит кон бардот на македонската глума – Ристо Шишков – рече Костадинов.

Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и од плакета, се четириесетина актери од 12 претстави од земјава, Бугарија, Србија и од Италија.

Жирито е предводено од ланскиот лаурет, Долорес Лео Поповиќ, кому му беше врачена плакетата за најдобро актерско остварување на минатогодишното фестивалско издание.

– Оваа награда, за мене, е од особено значење и особена чест како независен актер, сиромашен актер, како алтернативен и панк-актер и како КВИР-актер – рече Лео Поповиќ.

Според селекторот на фестивалската програма, режисерот Љупчо Георгиевски, дванаесетте претстави избрани за учество на фестивалот ќе понудат одлични актерски креации.

– Се радувам што и оваа година имавме богат и тежок избор, затоа што сè повеќе и повеќе има конкурентни претстави и актерски ролји за оваа награда. Бидејќи се работи за фестивал на актерот, каде што единствена награда е „Ристо Шишков“, се разбира, дека водилка во селекцијата ми беше актерското остварување што ќе биде конкурентно за оваа награда – рече Георгиевски.

На програмата се камерни театарски остварувања на МНТ, Драмскиот театар од Скопје, Народниот театар од Битола, Кумановскиот театар и Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, како и монодрами и копродукциски проекти.

Фестивалот се одржува до 13 септември, во Центарот за култура „Антон Панов“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и од Општина Струмица.

ИЗДВОЕНИ