Игрите на среќа значително придонесуваат во буџетот на државата, а секторот е еден од најголемите работодавци, вели Горан Стоименов од Асоцијацијата на игри на среќа.
– Вкупно гледано, сите легални приредувачи на игри на среќа вработуваат околу 10.000 луѓе, што ги прави најголем приватен работодавец во Македонија. Истовремено, треба да се земе предвид дека овие компании индиректно помагаат меѓу 54.000 и 100.000 други работни места, кои профитираат од игрите на среќа. На пример, постои податок дека од 3 до 5.000 Грци играат во казината во Гевгелија во текот на еден викенд. Тие полнат гориво, ги посетуваат стоматолошките ординации, се хранат во рестораните, купуваат во нашите продавници, односно трошат финансиски средства во нашата економија. Согласно со неофицијалните податоци на годишно ниво, приливот во државниот буџет од игрите на среќа веќе одамна надмина 350 милиони евра – вели Стоименов.
Тој информира дека приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23 %, од кои 1,5 % одат за потребите на јавното здравство и 1,5 % за потребите на Министерството за млади и спорт, а другите 20 % директно се слеваат во централниот буџет.
– Казината и автомат-клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца што на приредувачите на игри на среќа, во строго дефинирана процедура, им ја издава Министерството за финансии, а, конечно, ја одобрува Владата. Приредувачите на игри на среќа, како правни лица, плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10 %. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње, приредувачите имаат обврска да платат 15 % данок на неа. Плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и работење во смени, бидејќи работното време е 24/7) за 10.000 вработени. Државниот буџет се полни од приредувачите на игри на среќа и преку оданочување на закупнините на деловни простории, ДДВ преку купувањето опрема, мебел, надоместоците за струја и давањето угостителски услуги. Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото. Кога ќе се сумираат приходите и расходите, за приредувачите останува 10 %, од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис – вели Стоименов.
Истовремено, вели тој, треба да се земе предвид дека надвор од овие давачки кон државата, компаниите, членки на АПИС, постојано во духот на општествената одговорност, организираат хуманитарни, донаторски активности во образованието, јавното здравство, спортот, културата….












