Нов скандал ја тресе НБА-лигата бидејќи кошаркарот на Детроит, Малик Бизли, е под истрага за обложување. Јавниот обвинител започна истрага против него по обвинението поврзано со обложување на натпревари и со други видови обложување. Сето ова би можело да создаде огромни проблеми за него во продолжението на кариерата.
- Соработуваме со истражните органи – тоа беше кратка и јасна порака испратена во соопштението на НБА-лигата, без желба или намера да се навлезе подлабоко во целиот случај сè додека не се реши на еден или на друг начин.
Малик Бизли е слободен агент откако официјално му истече договорот со Детроит и се шпекулираше дека многу тимови се заинтересирани за неговите услуги. Во својата кариера играше за Денвер, Минесота, Лејкерси и за Милвоки и заработи 60 милиони долари.