Сергеј Ќетковиќ со мегахитот „Ма пусти проблеме“ сите ги крена на нозе – гушкање, пеење, бакнежи и четири биса

905

Посебен втор концерт на црногорската поп-ѕвезда Сергеј Ќетковиќ во Скопје!  Со својата оригинална духовитост, пејачот ја доведе публиката до „умирање“ од смеа. Кога му паѓаа панталоните, кои ги носеше без каиш, коментираше слободно пред микрофонот: „Ми паднаа гаќите!“                           

(Дуле МИЌИЌ)

Харизматичен и фин, ни најмалку важен, многу далеку од онаа препознатлива црногорска мрзливост, таков е, природен, поп-пејачот Сергеј Ќетковиќ од Подгорица, кој имаше и втор концерт во Македонската филхармонија, двата исполнети до последното место, а во организација на продукцијата „Ивентум“. Признаваме дека не очекувавме ништо посебно, а посебното, сепак, се случи. И тоа не само со добро познатите песни од репертоарот на Ќетковиќ туку, најмногу, и со големиот хит „Ма пусти проблеме“ („…sve biće dobro, neka ide kako ide, ma zato pusti probleme i sve dileme, tako malo nam treba, daj uspori i u životu uživaj…“), кој одлично одговара со опуштената летна шема и со неговата оригинална духовитост. На пример, кога му паѓаа панталоните, кои ги носеше без каиш, коментираше слободно пред микрофонот: „Ми паднаа гаќите!“, а публиката „умираше“ од смеење.                                   

Сергеј најде простор помеѓу песните да раскажува вицови, да се симне во публиката за да се гушне со обожавателите, особено со дамите, кои отворено му покажуваа колку го сакаат како пејач. Крајно емотивен, чувствителен, добро воспитан, но и одлично комуникативен, знаеше да се шегува на сметка на својот црногорски ген, кога ќе седнеше на крајот од бината, велејќи да си ги одмори нозете од предолгото стоење и танцување. Пејачот го претвори речиси тричасовниот настап во вистинска забава, журка, седенка… Така што кој како сака нека го формулира овој негов втор концерт, за кој велат дека бил за неколку нијанси подобар од првиот.

Се редеа хитовите: „Љубав није за сваког“, „Ако те није“, „Некa те љубав дочека“, „Проклета била“, „Нису ми дали да те волим“… а многу ракоплескање „собра“ кога излезе на сцена македонската поп-пејачка и негова гостинка, Елена Ристеска, како и браќата Тавитијан. Пејачот испеа песна во дует со Елена, подарувајќи ѝ џентлменски голем букет цвеќе, додека со Тавитијан ја испеа песната од репертоарот на Тоше „Тајно моја“, и тоа на чист македонски јазик. Совршенство без мана!

Одлично расположената публика не му дозволи тукутака да си замине. Го врати на бис четири пати, а тој ги исполнуваше музичките желби. Со љубовната балада „Ако те није пронашла љубов“, конечно, се збогува со обожавателите и целиот испотен (се гледаше тоа по дамките на белата кошула, која најпосле му излезе од панталоните) замина во соблекувалната. По тој официјален дел, на службениот влез на Македонската филхармонија, беше пречекан од голем број обожаватели, кои сакаа да се сликаат со него. На секој поединечно, тој му ја исполни желбата, доказ дека пејачот, атрактивен, висок и шармантен, го нема „вирусот“ на препотентност, најчесто вообичаен кај неговите естрадни колеги и колешки, кои токму сликањето го сметаат за малтретирање.

Новата концертна средба со Сергеј Ќетковиќ е закажана за на Античкиот театар во Охрид, на 3 август, за што се бара билет повеќе. Останува пејачот да си го одржи ветувањето дека на тој концерт, со браќата Тавитијан ќе ја испее старата македонска песна „Градел Илија манастир“, за која со нив има снимено спот.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ