Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денес изјави дека трговскиот договор постигнат меѓу Европската Унија и САД е антируски по природа.
„Договорот е очигледно антируски по природа и забранува купување на наша нафта и гас“, напиша Медведев на својот Телеграм канал.
Според него, Европа се согласила на трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп и забрана за купување руски енергетски ресурси во согласност со нејзината, како што изјави, неонацистичка идеологија, пренесува агенцијата РИА Новости.
„Ако за Трамп ова е претежно бизнис, тогаш за лудата старица Европа тоа е дел од неонацистичка идеологија која го напаѓа доброто на сопствените граѓани“, рече Медведев.
Како што рече, едноставно може да се сочувствува со обичните Европејци.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и американскиот претседател Доналд Трамп вчера постигнаа трговски договор со кој речиси целиот извоз на ЕУ во САД ќе биде предмет на царини од 15 проценти. ЕУ, исто така, се обврза да купува течен природен гас, нуклеарно гориво и оружје од САД.