Медот годинава го има во големи количини и се продава по стара цена од 600 денари. Пчеларите се задоволни од годинешниот принос на мед, кој во просек се движи од 10 до 20 килограми од кошница. И покрај тоа што климатските промени, односно сушата, годинава им беа голем непријател на пчелите, со селидбено пчеларење и со постојано носење вода до кошниците, пчеларите успеаја да ги надминат негативните последици. Велат дека во последните 10-15 години, поради климатските услови, имало многу мали приноси. Годинава, велат, е добра, но не како претходните години, кога имало по 30-40 килограми од кошница. Пчеларите се пожалија и за нелојалната конкуренција од фалсификуван мед што се продава по пазарите и во маркетите по пониска цена. Ова, меѓу другото, беше истакнато на манифестацијата „Денови на македонскиот мед“, која се одржува по 21. Пат, на улицата „Македонија“ и чиј организатор е Пчеларското здружение „Матица“.
Бобан Стошевски, претседател на Здружението „Пчела“ од Куманово, вели дека во однос на производството на мед, годинава е задоволителна и приносите се движат над 10 килограми од кошница, но дека проблем е нелојалната конкуренција.
– Поради сушата, пчеларите годинава мораа да носат вода до пчеларниците, а оние што имаа селидбено пчеларење, остварија и поголеми приноси, односно над 10 килограми од кошница. Се бориме против нелојалната конкуренција обединивајќи се во здруженија и во сојузи. Фалсификуваниот мед го има насекаде и не може да се контролира, бидејќи е направен многу веродостојно и не може да се препознае со голо око. Поради тоа, апелираме секој граѓанин да купува мед од познат пчелар. Додека не се направи пософистицирана лабораторија во која ќе се испитува медот, ќе имаме ваков проблем. Но, ова не е случај само кај нас туку и 90 отсто од медот што се продава во Англија, Германија, Австрија е фалсификат – вели Стошевски.
Тој информираше дека ваква манифестација, „Денови на медот“, ќе се одржи и во Куманово, по 25. Пат, од 2 до 4 октомври.
Маријан Митревски, пчелар од Скопје, вели дека оваа година е најдобра во последните 10, кои беа многу слаби и оти годинава има доволно и за пчелите и за продажба.
– Годинава немавме потреба да ги дохрануваме, добро ги зазимивме, а и имаше добри услови за медарење и доста полен во природата. Во просек, имаме 15 килограми од кошница, што е добро за наши услови. Цената е 600 денари за тегла и повеќе години наназад е иста и не е променета. Нашата производствена цена е 500 денари и имаме многу мала заработувачка, но сакаме повеќе граѓани да може да си го дозволат, бидејќи е добро да се користи во секојдневната исхрана – вели Митревски.
Пчелите се чуваат со љубов, а заработката сама доаѓа, вели младиот пчелар Христијан Аврамоски, кој повеќе години се занимава со пчеларство.
– Вадиме по 12 килограми од кошница, а со селидбено пчеларење – и по 17 килограми. Пролетта не беше погодна поради климатските промени, но, сепак, приносот годинава е добар. Произведувам три вида мед: шумски, ливадски и цветен костен, а освен мед, произведувам и други пчеларски производи како матичен млеч, полен, восок… Од пчеларството може да се живее само ако е годината добра и ако има добри приноси, во спротивно, работиме со загуба. Но, она што е важно во пчеларството е ако не ја работиш работата со љубов, пчелите нема да ти возвратат со поголеми приноси на мед – вели Аврамоски.
И фамилијата на Драгица Миловска живее од производство на мед. Вели дека добро се заработува, но дека она што е најважно е дека се сигурни дека јадат природен и здрав мед.
– Ние професионално се занимаваме со пчеларство веќе 23-24 години и ова ни е фамилијарен бизнис. Традицијата на чување пчели ја пренесовме и на нашите деца. Во Малешевијата има многу погодни услови за пчеларство. Имаме 500 кошници и се занимаваме со селидбено пчеларење. Два пати годишно собираме мед, а произведуваме ливадски и темен шумски мед. Годинава, максималните приноси изнесуваа 20 килограми од кошница, а пред 15 години имавме и поголемо производство – вели Миловска.
Таа вели дека откога хемијата замешала раце во природата, сè отишло. Затоа апелира да се купува мед од чисти, незагадени подрачја и од познати медари.
Посетителите, деновиве во Скопје, ќе може да се информираат за медот и за пчелните производи и да купат мед и други пчелни производи од цела Македонија.
(А. С.)