понеделник, февруари 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Медицински канабис или индустриска шверц-операција, под истрага 100 тони марихуана!?

Медицински канабис или индустриска шверц-операција, под истрага 100 тони марихуана!?

Полициската жетва достигна 40 тони, Владата очекува богата криминална реколта

167

Заплените во Македонија и во Србија отворија сериозни сомнежи за злоупотреба на лиценците за медицински канабис и за институционални пропусти во надзорот. Обвинителството собира докази за можни кривични дела според Законот за контрола на опојни дроги, додека Владата тврди дека Правилникот за одгледување не бил усогласен со Законот и овозможил производство надвор од медицинските стандарди

Жетвата на марихуана, одгледувана во неколку фирми во земјава, официјално достигна 40 тони – запленети во предистрагата на полицијата и на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Се очекува криминалната реколта на марихуана, одгледувана под параванот дека е канабис за производство на медицинско масло, да достигне 100 тони, уште повеќе по одлуката на Владата да се влезе во контрола во секоја од фирмите регистрирани како одгледувачи на опојното растение.

Во текот на денешниот ден, Обвинителството излезе со информација дека надлежните постапуваат, официјална истрага сè уште нема, но се истражуваат кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги. Се испрашуваат сведоци и се собираат докази за утврдување на факти. Во однос на поврзаноста со запленетата марихуана на Србија, од обвинителството велат дека се во комуникација со српските колеги, „со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната.

Како 5-те тони марихуана запленети во Србија  ја поминале македонската гранична контрола, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ниту тој, ниту МВР има информација- дека дрогата од 31 јануари фатена од српската полиција е со македонско потекло. Во соопштението на јавното обвинителство од Белград стои дека криминалната група дејствувала на меѓународно ниво, со што од почетокот на годинава на територијата на Македонија набавила вкупно 5.002.079,18 грама наркотична дрога марихуана.

„ Според планот на организаторите, наркотичната дрога била транспортирана преку границата од страна на осомничениот Иван Драгниќ до магацинот на осомниченото семејство Спасојевиќ, од каде што била преземена од осомничениот Урош Младеновски за понатамошна продажба. Особено е индикативно што осомничениот Иван Драгниќ е сосопственик на компанијата „АЛФАФАРМ“ во Скопјe, која е регистрирана за производство и преработка на медицински канабис. Со оглед на тоа што некои од актите на извршување укажуваат на меѓународен карактер на кривичното дело, особено во однос на набавката на наркотични дроги на територијата на Република Северна Македонија, понатамошниот тек на истрагата ќе фрли светлина врз сите околности на овој кривичноправен настан, идентификувањето на сите учесници, како и утврдувањето на потеклото на наркотичните дроги, објавија од српското обвинителство каде водат постапка против петмина осомничени.

Токму ова поврзување на марихуаната од Србија со компанијата „АЛФАФАРМ“ беше причина македонските истражители да влезат во кругот на поранешната фабрика „Охис“ каде се складирал канабисот наменет за масло. Освен дека се истражуваат дела од законот за контрола на опојни дроги, засега нема информација оти некој е осомничен за злоупотреба на канабисот во нелегална трговија со марихуана. Првичните информации се дека полицијата, обвинителството и Комисијата на министерството за здравство за одгледување канабис  има влезено во фирми во Скопје и Стумица.

  Како медицинскиот канабис стана извор на нелегална марихуана: власт и опозиција во отворена војна

Запленетата марихуана во двете соседни земји, го разгореа оганот меѓу власта и опозицијата. Нелегалната тговија со марихуана откриена во Србија, СДСМ и ја препишува на власта.  „Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија? Фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна. Затоа е паниката во власта., рече на прес конференција Саша Димитријевиќ.

Владејачката парија ВМРО ДПМНЕ ја поврза запленетата марихуана со поранешниот премиер Зоран Заев и екс министерот Венко Филипче.

„Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев. Сега следи целосно расчистување на криминалот во оваа област. Секој еден кој се занимава со одгледување, до производство на готови производи од марихуана ќе биде проверен“, најави пратеникот Бране Петрушевски.

  Закон или правилник: каде „пукна“ контролата на медицинскиот канабис

Во моментов има 43 компании кои одгледуваат канабис за медицински цели, а во тек е постапка за одземање на лиценцата на 4 од нив. Надзорот над компаниите со одобрение за одгледување на канабис за медицински цели го спроведува посебна Комисија која е под Министерството за здравство. На прашање од весникот Вечер колку исконтролирале во текот на изминатата година и кои биле најчестите  неправилностите, од Комисијата велат дека оделе во редовни и неколку вонредни контроли. „При утврдување на неправилности, Комисијата постапува согласно закон и ги доставува до надлежните институции за понатамошно постапување. По завршување на тековните постапки би можеле да се споделат конкретни информации за констатираните пропусти, велат од Комисијата и ја нагласуваат соработката со Владата чиј прв човек викендов кажа дека запленетата марихуана- маслото (полупроизвод) и биомасата кај правните субјекти се резултат на непочитување на законот, што треба да се потврди во судска постапка. Мицкоски кажа дека Правилникот за одгледување на канабис за медицински цели не е во согласност со Законот и поради тоа некој министер, кој го дозволил тоа, ќе биде проверуван.

„Вие не можете да декларирате отпад, отпад  се гранки и лисја, а внатре во деклираниот отпад да најдете тврди пресувани цветови од канабис? Ниту еден кој што е успешен во бизнисот, не ми кажа дека цвет од канабис, кој што не е третиран под посебни стандарди, затворени простории итн, може да произведе цвет за масло за медицински цели.  Јасно било кога се носел Правилникот кога се дозволило на отворено да се одгледува, да се чува како што се чувал и да се складира како што се складирал, почетник во овој бизнис знае дека таа работа не бива -дека не може да се произведе производ што ги исполнува ГМП стандардите за медицински извоз. „Дали тоа се правело намерно или со друга цел, ќе утврди истрагата“, рече премиерот.

Одгледувањето канабис за медицински цели може да го врши само правно лице со одобрение од Министерството за здравство, по претходна согласност од Владата. Фирмата, според законот, мора да обезбеди адекватен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремено соодветно за својата производна/преработувачка способност. Законот бара технички и безбедносни услови: атмосферски заштитен и ограден простор со одредена висина на оградата и безбедносни елементи,24-часовна видео-снимање и 24-часовно физичко обезбедување, минимум број и профил на кадар . Правилникот доуредува технички услови што треба да ги исполнува правното лице кое одгледува канабис, и тоа многу подетално отколку Законот. Типови на просторија каде може да се одгледува (затворен, делумно затворен, отворен но атмосферски заштитен). Правилникот предвидува минимална висина од 2,50 м и поврзаност со комунална инфраструктура или сопствени системи за водовод, канализација,електрична енергија и греење. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ