Ова писмо и фактот дека претседателот наредил да се дистрибуира во други европски земји, треба да предизвика двопартиска конгресна истрага за претседателската способност, вели д-р Џонатан Рајнер, кардиологот на покојниот поранешен потпретседател Дик Чејни – еден од најголемите републикански јастреби. Повеќе американски медиуми повикуваат на примена на амандманот 25 од Уставот, според кој потпретседателот на државата ја презема власта во случај претседателот да не е во можност да ги извршува своите должности
Писмото на американскиот претседател, Доналд Трамп, до норвешкиот премиер, Јонас Гар Сторе, испратено во понеделникот, не само што предизвика лавина од реакции од медиумите во светот туку и го вклучи алармот во медицинските кругови. Како што објави еден од водечките американски политички портали, „Хил“, д-р Џонатан Рајнер, кардиологот на покојниот поранешен потпретседател Дик Чејни (еден од најголемите републикански јастреби), побарал од Конгресот да ја испита здравствената состојба на Трамп.
– Ова писмо и фактот дека претседателот наредил да се дистрибуира во други европски земји, треба да предизвика двопартиска конгресна истрага за претседателската способност – напиша Рајнер на социјалната мрежа „Икс“.
Писмото е шокантно и за аналитичарите, и тоа на неколку нивоа, а едно од нив е фундаментално: поврзување на прашањето за Гренланд со Нобеловата награда за мир што не му беше доделена, без разлика колку очајно ја бараше. Некои медиуми направија правно-политички, а некои дури и психолошки анализи на зачудувачкото шокантно писмо на Трамп. Дел од нив сугерираа дека треба да се прибегне кон 25. амандман, односно кон отповикување на Трамп, поради, како што е наведено, очигледната ментална неспособност да ја извршува функцијата американски претседател. Во овој поглед особено е остар „Дејли бист“, кој во наслов го нарекува Трамп „лудиот крал“.
Јасамин Ансари, демократка од Аризона и претставник во Конгресот, исто така смета дека треба да се активира амандманот 25 од Уставот.
– Претседателот на Соединетите Американски Држави е исклучително ментално болен и тоа ги става сите наши животи во опасност. Дваесет и петтиот амандман постои со причина, мора веднаш да го примениме – напиша таа на „Икс“.
Но, водечките американски психијатри уште на почетокот од првиот мандат на Трамп побараа, врз основа на 25. амандман, Конгресот да формира независен и непристрасен панел од експерти за ментално здравје, кои ќе ја проценат неговата способност да ги исполнува своите претседателски должности. Тој амандман на Уставот на САД, ратификуван во 1967 година, предвидува дека потпретседателот на државата ја презема власта во случај претседателот да не е во можност да ги извршува своите должности.
– Доналд Трамп е опасно ментално болен и темпераментно неспособен да биде претседател на земјата – предупреди веднаш по инаугурацијата на Трамп во јануари 2017 година, психијатарот д-р Џон Д. Гартнер од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Исто така, во јануари 2017 година, група од 35 психијатри, психолози и социјални работници испрати отворено писмо до „Њујорк тајмс“ во кое заклучи дека „менталната состојба го спречува Трамп безбедно да ги извршува должностите на претседател“.
Да потсетиме, во своето писмо до норвешкиот премиер, Трамп повторно го доведува во прашање „правото на сопственост“ на Данска врз Гренланд, која ужива статус на автономна територија. Понатаму, го изразува својот гнев што не ја добил Нобеловата награда за мир, која ја доделува независниот Нобелов комитет во Осло.
– Драг Јонас, бидејќи вашата земја одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир, иако спречив најмалку осум војни, повеќе не се чувствувам должен да размислувам исклучиво за мирот, иако секогаш ќе биде доминантно тоа прашање, но сега можам да размислувам за тоа што е добро и исправно за Соединетите Американски Држави. Данска не може да го заштити Гренланд од Русија или од Кина. Зошто воопшто би имала „права на сопственост“? – се наведува, меѓу другото, во писмото на Трамп.












