Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес престојува во Одеса на покана на украинскиот претседател Володимир Зеленски, каде учествува на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“.
Меџити порача дека присуството на овој важен меѓународен настан претставува потврда за непоколебливата поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина во нејзината борба за слобода, демократија и зачувување на територијалниот интегритет.
„Во овие тешки времиња за европскиот мир и безбедност, цврсто стоиме покрај Украина. Северна Македонија стои на вистинската страна на историјата“, изјави Меџити.
Тој истакна дека Самитот претставува важна платформа за продлабочување на партнерствата меѓу земјите од Југоисточна Европа и Украина, особено во време кога регионот се соочува со бројни геополитички предизвици.
Настанот во Одеса се одржува под засилени безбедносни мерки и има за цел да испрати силна порака за солидарност и заедничка посветеност кон европските вредности и стабилноста на континентот.