Меџити даде зелено светло за маршот за УЧК, ќе добие ли црвен картон од Мицкоски?

Градоначалникот на Чаир и лидер од коалицијата „Вреди“, најави дека ќе даде согласност за одржување на протестот во Скопје за поддршка на поранешните водачи на косовската УЧК, закажан за в сабота, додека премиерот Мицкоски предупреди дека потегот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој го најави протестот, е погрешен и дека е убеден дека ниту „Вреди“ нема да го поддржи. Меџити изјави дека протестот е „демократска вредност“, а УЧК е „национална гордост“ 

118

Градоначалникот на Чаир и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, најави дека ќе даде согласност за одржување на протестот во Скопје за поддршка на поранешните водачи на косовската УЧК, закажан за сабота, 13 декември. Иако како градоначалник на Чаир, општина каде што треба да се одржи протестот, Меџити вели дека ќе даде согласност, останува неизвесно дали лично ќе присуствува на протестот на плоштадот „Скендербег“, во услови кога премиерот Христијан Мицкоски и дел од владејачката коалиција остро реагираат на иницијативата.

Во принцип, да, рече Меџити одговарајќи на прашањето дали го поддржува протестот. Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а УЧК е наша национална гордост. Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро, рече Меџити во изјава за косовски медиум.

Најавата за протестот во Скопје повторно ги отвори политичките тензии меѓу коалициските партнери, особено откако Меџити јавно потврди дека ќе даде зелено светло за негово одржување.

Претходно, на брифингот за новинари, премиерот Христијан Мицкоски рече дека е погрешен потегот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој за в сабота во Скопје го најави протестот за поддршка на поранешните лидери на ОВК, на кои им се суди во Хаг. Мицкоски смета дека Ахмети треба да ја преиспита таа одлука.

  Со овој протест, тие се обидуваат да се мобилизираат пред партискиот конгрес, но само ќе докажат дека ќе им биде многу тешко да најдат коалициски партнер во иднина. Јас не ја поддржувам таа идеја и не се согласувам со тој протест. Убеден сум дека ниту „Вреди“ нема да го поддржи, рече Мицкоски на брифингот минатата недела.

ДУИ, предводена од Али Ахмети, протестот го претставува како чин на политичка и морална поддршка за поранешните команданти на ОВК кои се соочуваат со судски процеси во Хаг. Од партијата во повеќе наврати нагласија дека сметаат оти тие дејци не треба да се третираат како злосторници, туку како личности кои имале улога во косовската борба за слобода.

Ахмети, кој ја најави иницијативата за протестот, ја оправдува како потреба да се изрази „солидарност и грижа за луѓе кои дале придонес во историски период“, иако неговиот потег отвори политички тензии меѓу владините партнери.

Ќе протестираме во Скопје за да побараме правда и да изразиме поддршка за ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг, ја пренесоа албански медиуми изјавата на Ахмети.

Тој ги покани Албанците да се приклучат на овој протест, како што рече, „за да бидат сведоци на чистата борба за слобода и независност“.

Протестот во Скопје е петти по ред што го организира Организацијата на ветерани на ОВК, по оние што се одржаа во Приштина, Хаг, Тирана и Стразбур, каде што десетици илјади Албанци од сите простори протестираа против Специјалниот суд, побараа фер судски процес и јавно ја изразија поддршката за поранешните команданти на ОВК. На тамошните протести имаше апели за правда, како и силни реакции на начинот на кој Специјалниот суд во Хаг ги третира поранешните водачи на ОВК.

Од 5 ноември 2020 година, во притворскиот центар во Хаг се наоѓаат четворица поранешни водачи на УЧК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими – обвинети од Специјализираните совети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Судскиот процес против нив сè уште трае и често е проследен со силни политички реакции во Косово и во регионот. Поддржувачите на поранешните лидери тврдат дека обвиненијата се неправедни. Дел од македонската јавност и политички актери стравуваат дека организирањето вакви протести во Скопје може да влијае врз меѓуетничката клима и стабилноста. (В. С. Н.)   

ИЗДВОЕНИ