Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер триумфираше над ПИК Сегед, во мечот на неделата на Лигата на шампините со 25:24. За пелистерци ова е втора победа во елитното друштво по онаа против Загреб исто така пред домашната публика.
Унгарскиот вицешампион во слата „Боро Чурлевски“ падна во драматичен финиш во кој прво Богдан Радивојевиќ погоди од пенал, а потоа Никола Митревски ја сочува мрежата и на својот тим му донесе многу важни бодови во најсилното клупско ракометно натпреварување. Овој мече не требаше да го гледаат навивачите кои имаат слабо срце, бидејќи не би ја издржале трилер-завршница во Битола, по која следуваше големо славје на ракометарите и битолските навивачи.
Шпанскиот стратег на клупата на македонскиот шампион, Рубенс Гарабаја не го криеше задоволството од одиграната партија на своите избраници, како и од големата победа над фаворизираниот противник.
„Го започнавме натпреварот со неверојатна одбрана, мислам дека ПИК Сегед го сфати тоа и почна да игра „седум на шест“. Имавме неверојатен голман во првиот дел, но со таа игра „седум на шест“ противникот дојде до лесни шутеви и ни направи проблем. Во вториот дел се боревме и ние и тие, плус еден за нас, плус еден за нив, но на крајот победивме како тим.
Секој играч си ја сфати својата улога и сите разбраа дека се важни во овој меч. Кога сите работи функционираат и ние сме како тим, може да го победиме секого, изјави Гарабаја.
Богдан Радивојевиќ имаше мирна рака во клучните моменти. Во последните секунди српскиот ас реализира од седум метри и на Еурофарм Пелистер му донесе голема победа.
„Првото полувреме беше извонредно и во одбрана и во напад, меѓутоа во вториот дел паднавме. Ама со нашите навивачи успеавме да се вратиме од минус два и да победиме во мечот. Разликата меѓу двата тима е огромна, нема што многу да се споредуваат буџетите и останатите работи. Ова беше награда за нашиот труд. Знаевме дека ќе следи тежок меч, но и тие знаеја дека тука во Битола е тешко да се победи мечот. Беше еден убав меч и за играње и за гледање, благодарен сум што на крајот ние победивме“, рече српскиот интернационалец.
Жарко Пешевски со седум гола беше најефикасен во македонскиот тим, пред Филип Кузмановски со четири гола, додека кај ПИК Сегед, Алустиза Гарсијандиа даде шест, а Себастијан Фримел погоди пет пати.
Во следното коло Еурофарм Пелистер гостува токму кај ПИК Сегед, следниот четврток од 20:45 часот.












