недела, февруари 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мечкарите ја предводеа карневалската поворка во Прилеп, а во Струмица имаше над...

Мечкарите ја предводеа карневалската поворка во Прилеп, а во Струмица имаше над 1.000 учесници на дефилето

34

Карневалските свечености во Прилеп за Прочка започнаа со детскиот карневал на кој се претставија над 200 учесници. Учениците од прилепските училишта ги покажаа своите креации.

– Ние сме околу 70 учесници и претставуваме весела фарма. Имаме јагниња, млекарки, чувари, па дури и лош волк од кој бегаме. На маската работевме две недели – вели ученичката Анастасија Здравеска од ОУ „Добре Јованоски“ од Прилеп.

Оригинална креација имаа учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од хемиската секција.

– За нашата публика подготвивме и ерупции на вулкани, повикување духови и необични хемиски експлозии – вели наставничката по хемија од ОУ „Гоце Делчев“, Кети Иваноска.

Според традицијата,  прилепските мечкари, заштитната маска на прилепскиот карневал, вчера ги посетија касапите. Подготвени се да ја продолжат 100-годишната традиција на маската заштитена како нематеријално културно богатство.

Денеска, со почеток во 13:00 часот, во центарот на Прилеп се одржа централното дефиле на маските. Учествуваа околу 500 маскирани од земјава и од странство, а карневалската поворка ја предводеа прилепските мечкари, кои го отворија карневалот.

Беа облечени во кожи, јагнешки, јарешки, овчи. Накитени на појасот со клопотарци, ѕвонци. Сите тешки, некои стари век и пол. На главата рогови, на лицето – страшни сурати.

Го почнаа својот обред. Создадоа какофонија од продорни звуци, повеќе застрашувачки, тропаа со стаповите, се вртеа во круг, го засилуваа темпото на обредниот ритуал. Уште позастрашувачки изгледаа нагорната линија на ударите на тапаните и пискавиот звук на зурлите.

Стигнаа прилепските мечкари. Ги блокираа улиците, бараа откуп од граѓаните, ги посетуваа дуќаните. Прво касапите, оти тоа е нивниот еснаф. Така било од памтивека, така продолжува и денес и е главна атракција за Велики поклади – Прочка во Прилеп.

Страшната маска на прилепските мечкари ја носи исконската потреба на човекот да се покае, а покајанието носи бркање на злите духови.

– Касапите речиси цела година колеле јагниња, животни за потребите на занаетот. Тоа е и голема одговорност. Потребата за покајување за пролеаната крв кулминира со маскирањето за Велики поклади – Прочка. Ем да се искупат за гревовите“ ем со бркањето на злите духови ќе го најават новиот живот – пролетта, но и големите велигденски пости – вели Метко Анастасоски од Здружението „Прилепски мечкари“.

Вековните ритуали на мечкарите дури подразбирале нивно петдневно исклучување во пештери. Без оган, препуштени на своите инстинкти и нагони.

– Имаме докази дека во 60-тите години мечкарите, ревносни во своите ритуали, никому не му дозволувале да помине по улиците. Дури, ако не добиеле откуп, превртувале автомобили. Според ритуалите од дамнина, мечкарите биле пет дена во ритуален транс пред Прочка. Оделе во пештера, имале табу да запалат оган и пет дена веќе биле подготвени да го изведат ритуалот – објаснува етнологот од прилепскиот Завод и музеј, Александар Цветкоски.

Традицијата на прилепските мечкари е вековна. Здружението „Прилепски мечкари“ дојде до факти и фотографии дека првите групи се собирале уште во далечната 1921 година.

– Од историскиот архив и од постарите граѓани на Прилеп, најдовме материјал со кој потврдуваме дека во 1921 година имало организирани поворки на мечкарите. Фотографиите го потврдуваат тоа. Тоа е голем јубилеј и значи дека постоиме повеќе од 100 години. Овој факт е фасцинантен – вели Ванчо Ѓеоргиев, претседател на Здружението „Прилепски мечкари“.

Тој додава дека имаат проблеми со набавката на материјалите, но  дека, и покрај тоа, успеваат да дојдат до нив.

– Еве, лани набавивме 200 кожи. Проблем е што ги нема во државава. Ги прават самите мечкари, учесници. Ги наследуваат од татковците, дедовците, а треба да се облечат 60-ина членови на групата. Нивните дедовци и татковци собираа да се направи добар сурат и мислам дека успеваат во тоа. Ние сме единствени и познати, но и одликувани за тоа. Најголемо е признанието од Истернево, Италија, каде што мечкарите добија гран-при за оригинална маска. Бидејќи кога отидовме таму, се изненадивме. Италијанците знаат малку повеќе од нас за маската – објаснува Ѓеоргиев.

Прилепските мечкари незапирливо ги претставија својот обреден ритуал и традициите и на годинашниов карневал „Прочка 2026“, со обврска за 25 години организирано постоење и со фактографска историја со повеќе од 100-годишна традиција.

А кој знае, не се документирале вековите.

И пак на Прочка го изведуваа својот ритуал. Ги бркаа злите духови. Ја претставија, во сета своја „слава“, маската тешка над 70 килограми.

Вековната карневалска традиција уште еднаш ја крена на нозе Струмица со интернационалното карневалско дефиле кое се одржа вчера и на кое продефилираа 39 групи со над 1.000 учесници од земјава и од странство, кои со голем елан ги промовираа своите карневалски креации.

И годинава кралот на карневалот објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“. Така, почна да тече реката од карневалски креации, а традиционално први настапија струмичките мажоретки. За кратко време „Блескавите пеперутки“ од Шумен, Бугарија, ја кренаа публиката на нозе, а по нив „Игра на снегулките“ на ОУ „Сандо Масев“ од Струмица.

Најдобрите карневалски креации ги оценуваше жири-комисија, а за најдобрите во повеќе категории беа предвидени парични награди.

На карневалот присуствуваа потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, бројни гости од земјава и од странство и претседателот на FECC, Ларс Алгел.

Карневалските празнувања во Струмица продолжија и денеска, со традиционалниот детски карневал на кој продефилираа младите струмичани со своите маски.

(А.П.) 

 

ИЗДВОЕНИ