Вознемирувачки инцидент е пријавен на локални гробишта во Чељабинската област, во азискиот дел на Русија – мечка раскопала десетици гробови и јадела човечки останки.
Бизарната вест беше објавена на 15 септември од страна на Телеграм каналот Маш, наведувајќи дека властите реагирале веднаш. Пребарувањето сè уште е во тек.
Ловците во блискиот град Златоуст добија наредба да започнат со пребарување на сите гробишта, а Министерството за екологија издаде официјална дозвола за заробување на животното, објавува Вечерњаја Москва.
Сепак, и покрај интензивните пребарувања, мечката досега не е пронајдена. Граѓаните се загрижени, бидејќи не се знае каде ќе се појави следно.
Напад на оддалечена фарма
Руските медиуми објавуваат дека само неколку дена претходно, на 9 септември, кафеава мечка нападнала фарма во Арктичкиот круг.
Урна заштитна електрична ограда, неколку кошници за пчели, изеде мед и уништи пчелна колонија. Сопствениците мораа потоа да ја зајакнат оградата, за да не се повторат слични инциденти, пишува Телеграф.
Експертите ширум светот го објаснуваат ова и слично однесување на мечките со намалувањето на природните живеалишта и изворите на храна на животните, поради што тие почесто влегуваат во урбаните средини.
Властите апелираат до граѓаните на Златоуст и околината да бидат внимателни, додека трае потрагата по дивата ѕверка.