Кој знае какво би било достигнувањето на Хуан Мартин дел Потро во светот на тенисот доколку не беше уништена неговата кариера од повреди. Тој ја заврши тениската кариера минатата година, на спектаклот во Буенос Аирес, на кој присуствуваше и неговиот пријател и еден од најдобрите – Новак Ѓоковиќ.

Во неколку наврати, Дел Потро се врати на теренот по сериозни повреди, трпеше неподносливи болки, а на крајот од минатата година се збогуваше со тенисот засекогаш. Тој имаше неколку операции на коленото, а во една пригода, во голема исповед, откри низ каква агонија минува.

  • Кога го одиграв мојот последен натпревар со Делбонис (во 2022 година), луѓето не знаеја, но следниот ден отпатував во Швајцарија и имав уште една операција на коленото. Тоа беше мојата петта операција. Оттогаш не зборував јавно за операциите. Пред натпреварот со Делбонис, реков дека, веројатно, тоа е мојот последен натпревар и почувствував мир и луѓето повеќе не ме прашуваа: „Кога ќе се вратиш да играш, кога ќе те гледаме?“ Но, не можев повеќе да ја поднесам болката во нозете. Затоа молчев и тајно сакав да се оперирам, па да се вратам ако можам – рече Хуан Мартин дел Потро во едно интервју.

Имаше големи надежи, мислеше дека ќе биде успешна операцијата, но целиот свет му се сруши кога слушна дека повторно ќе мора да оди под нож. Тој се обиде сè за да го избегне тоа, му ставија над сто инјекции во нозете, колковите, грбот…

  • Ме пресекоа, ми ги изгореа нервите, ме анализираа… Тоа е страдањето што го преживеав. Така е од последниот натпревар со Делбонис до денес. Немам повеќе желба да играм тенис затоа што моето тело не го дозволува тоа – рече Дел Потро.

Тој се присети на својата прва операција, кога му рекоа лекарите дека ќе се врати за само три месеци, што не беше вистина.

  • Од таа прва операција, не можев да се качувам по скали без болка. Често ме боли кога спијам, кога се вртам настрана или се будам со остри болки. Тоа е како континуиран кошмар за кој се обидувам да најдам решение и алтернативи, но нема. Сè започна со таа прва операција и секогаш кога ќе помислам на тоа, се лутам – додаде Дел Порто.

Во својата срцепарателна исповед, тој нагласи дека сакал да им помогне на другите спортисти што се соочуваат со слични проблеми и да биде нивна мотивација.

  • Не сакав да го живеам овој живот. Бев активен човек, кој го сакаше спортот воопшто, не само тенисот. Одеднаш ме викаат да играм фудбал и јас сум тој што носи пијалаци и седи покрај теренот. Кога играме падел, снимам… За мене, е ужасно. Освен тоа, од спортска гледна точка, ми ја одзедоа најголемата радост, она што најмногу го сакав – играњето тенис. Знаете, многу ми е тешко да се преправам 24 часа на ден дека сè е во ред – вели Аргентинецот.

Лекарите дури и му предложиле да стави протеза и да заборави на болката.

  • Многу пати размислував да го направам тоа, но што ми гарантира протезата? Велат дека ќе имам подобар квалитет на живот. Добро, совршено, тоа е она што го барам, но да не играм тенис? И потоа доаѓа друг доктор и ми вели дека сум премногу млад за протеза, да чекам до 50. година. Не сум трчал, не сум шутирал топка, ниту сум играл тенис од моите 31 година. Дали ќе ги поминам следните 15 години за кога ќе наполнам 50 години, да ми стават протеза, да можам да живеам солиден живот до 60. година? Во моментов сум во дилема околу тоа. Само се надевам дека еден ден ќе бидам без болки – објасни Дел Потро во тешката исповед.

 

ИЗДВОЕНИ