Во случајот со серискиот убиец од Старо Нагоричане, по чие апсење повозрасни жени од околината посведочија дека го преживеале нападот од младиот човек, Обвинителството испитува како постапувала полицијата по претходните пријави од жртвите и дали можело да се спречи убиството на 78-годишната жена од селото Челопек.
Жените од околните села со години живееле во страв, а повредите од насилникот, кој ги напаѓал, ги давел и ги удирал по главата, кај некои од нив сè уште се видливи. Осумдесет и тригодишната Слободанка Арсовска од Старо Нагоричане, за порталот „Куманово њуз“, јасно раскажа како осомничениот ја нападнал, а се спасила велејќи му дека синот е на вториот кат.
– Кога го видов во ходникот, го прашав што бара и кој му дозволил да влезе. Не кажа ништо, само направи два чекора, ме фати за вратот и ме турна на земја. Паднав, а тој седна врз мене и почна да ме дави. Во тој момент, почнав да викам по синот, измислувајќи дека е на катот. Се уплаши, ме пушти и побегна низ прозорецот. Од ударот изгубив свест. Дури утрината, околу осум часот, успеав да им се јавам на децата. Кога се освестив бев модра околу вратот, мокра и изгубена. Тогаш сфатив дека сакал да ме убие. Имав голема среќа што останав жива, сведочи Арсовска за премрежето со насилникот.
Други сведоци, пак, јавно покажаа снимки од безбедносни камери на кои се гледа како лицето за кои тврдат дека е 25-годишниот осомничен за убиство, кружи околу куќа и бара начин да влезе. Полицијата го знаела од претходно како извршител на тешки кражби во овој Кумановски Регион.
Од Обвинителството најавија брифинг за медиумите за случајот со истрагата на сериските убиства во Кумановско и велат дека на осомничениот сè уште не му било направено психијатриско вештачење, за него ќе се формирал посебен тим од лекари вештаци од Клиниката за психијатрија. Во Институтот за судска медицина во тек се анализите на откопаната жена за која има сомневање дека е втора жртва на осомничениот, а за евентуални други жени, од ОЈО велат дека се прават опсервации од истражните органи.
Мотивот, според истрагата, е најверојатно убиство од користољубие. Според локалните жители, осомничениот се движел низ околината со велосипед, имал отежната комуникација, а полицијата по некоја пријава го пуштала со објаснување дека имал психички проблеми. (П. А.)












