МДТ: Владата ги прифати Законот за електронски комуникации и првиот Закон за сајбер безбедност

30

Владата денеска донесе два стратешки и клучни закони кои се однесуваат на иднината на дигиталното општество: новиот Закон за електронски комуникации и првиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи (сајбер безбедност), известија од Министерството за дигитална трансформација.

Со оваа одлука, како што е наведено во соопштението, се отвора ново поглавје во дигиталната трансформација на државата и се воспоставуваат основите за модерна, безбедна и транспарентна држава.

Овие два закона се дел од Реформската агенда за дигитализација и транспарентност, и се целосно усогласени со NIS 2 директивата на Европската Унија, како и со мислењето на Уставниот суд на РМ.

Во соопштението се потенцира дека Законот за електронски комуникации ги зајакнува правата на корисниците и гарантира повисоко ниво на заштита на личните податоци, воведува јасна правна рамка и транспарентност во работењето на операторите, обезбедува поголема конкурентност и регулаторна сигурност и ги дефинира надлежностите на Агенцијата за електронски комуникации, со фокус на отчетност и ефективен надзор.

Законот за сајбер безбедност воспоставува национален модел за управување со сајбер ризици, се креираат нови институционални капацитети, Национален координативен совет за сајбер безбедност, Владин SOC – центар за одговор на сајбер инциденти, Сектор за сајбер безбедност во рамки на Владата, обезбедува поддршка за јавните институции и операторите од критичната инфраструктура и обврзува на ангажирање на сајбер професионалци во сите институции од критично значење.

“Со донесувањето на овие два закона, Македонија прави крупен исчекор во европската интеграција и ја поставува дигиталната агенда како столб на идниот развој.”

Во соопштението од Министерството за дигитална трансформација се додава дека: “Ова е конкретен резултат од визијата за дигитална Македонија, транспарентна, сигурна и иновативна”, и се додава дека визуелизацијата е направена со помош на вештачка интелигенција.

ИЗДВОЕНИ