Кризата за вода и натаму трае, а јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и денеска извести дека продолжува енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода, што повторно доведува до нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем во градот. Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, за весникот ВЕЧЕР, како главна причина зошто му се случува на Скопје проблем со водоснабдувањето го наведе непочитувањето на насоките дадени во просторните планови и тоа што долг период нема стратегија  за одржување и надградба на постојните инфраструктурни системи. Тој наведува дека следна причина е мазохистичката урбанизација, пренатрупаноста со објекти, а трета причина е потребата од стручно управување со системите

 

Скопјани, како никогаш досега, се соочуваат со недостиг од вода за пиење. Во делови од градот, Автокоманда, Водно и во повисоките зони, становите на горните катови од зградите воопшто немаат вода. Граѓаните се жалат дека е нехумано во 21 век да се живее без вода, без која не може да ги задоволат основните потреби (да се искапат, да исперат итн.).

Кризата за вода и натаму трае, а јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и денеска извести дека продолжува енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода, што повторно доведува до нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем во градот.

– Поради преоптовареноста, системот функционира со намален притисок и со повремени прекини на водоснабдувањето во одредени делови од Скопје – информираат од ЈП  „Водовод и канализација“ и апелираат до сите граѓани за рационално и совесно користење на водата.

Особено се повикува на воздржаност од користење на водата за наводнување на градините и на нивите, за миење на автомобилите, за полнење на базените и за слични намени што не се од витално значење.

Воедно, упатија и апел и до органите на локалната самоуправа и до месните заедници да преземат активности за подигање на јавната свест кај граѓаните и да придонесат за намалување на непотребната потрошувачка.

„Водовод и канализација – Скопје“ ги повикува граѓаните што ќе забележат див приклучок, да го пријават на телефонскиот број 02 3073 010, преку електронска пошта на [email protected] или на веб-страницата www.vodovod-skopje.com.mk.

Од претпријатието посочуваат дека дивите приклучоци предизвикуваат директна штета на водоснабдителниот систем и влијаат негативно врз квалитетот на услугата за сите корисници.

Освен овие апели, кои речиси секојдневно ги упатуваат од ова претпријатие, не се преземаат конкретни мерки за да се подобри состојбата и покрај тоа што се во најава високи температури, кои ќе го надминат 40. Целзиусов степен, иако беа посочени одредени решенија. 

Дејан Димовски, кој е инженер и работи на електромашинско одржување и на техничко следење на потрошувачката на вода во ЈП „Водовод и канализација“, на последната седница на Советот на Град Скопје истакна дека потрошувачката на вода во Скопје е 350.000 кубни метри на дневно ниво, при што напомена дека во изминатите години немало таква потрошувачка на вода.

– Основа на водоснабдувањето на Град Скопје се Рашче и двете бунарски подрачја, Лепенец и Нерези. Моментално од Рашче добиваме околу 3.000 литри во секунда и повеќе не може, затоа што каптираната вода во Рашче е на висинско ниво под 70 сантиметри и тоа е природен извор, кој ние, со напорите што технички ги правиме за да ги задоволиме потребите за пивка вода во Скопје, максимално го форсираме. Од друга страна, сите можни извори, во двете бунарски подрачја – пет бунари – дополнуваат 1.000 литри во секунда – нагласи Димовски.

Според него, генерирањето детални урбанистички планови не значи само проширување и урбанизација на градот, изградба на нови населби, изградба на нови згради, изградба на нови индустриски зони…

– Тоа, да, но претходно ќе треба да финансираме и во водоснабдителната и во канализациската инфраструктура. Тоа не го прави ЈП „Водовод и канализација“. Кој било систем технички што одредена општина во Град Скопје, согласно со стандардите за водоснабдување, претпријатието го прима како дел од системот и со наплатата на вода го одржува. Ние мораме еднаш засекогаш да сфатиме дека технички, урбанизацијата, покрај тоа што подразбира урбанизација на самиот град, подразбира и техничко следење на системите за водоснабдување – дециден е Димовски.

Како решение за ваквата незавидна состојба тој наведе дека треба интензивно да се размислува за алтернативен извор за водоснабдување на Скопје, било тоа да се, како што истакна, студиите за Врело или за Патишка Река, тврдејќи дека ако нема енормна потрошувачка на вода, особено во попладневните часови, Скопје ќе има стабилен притисок.

Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, за весникот ВЕЧЕР наведе повеќе причини зошто му се случува на Скопје проблем со водоснабдувањето. Како главна причина тој го наведе непочитувањето на насоките дадени во просторните планови и тоа што долг период нема стратегија  за одржување и надградба на постојните инфраструктурни системи.

– Следна причина е мазохистичката урбанизација,  пренатрупаноста со објекти, што доведува до тоа издашноста на постојните извори да станува недоволна за потребите на градот, со така зголемн број жители. Трета причина е потребата од стручно управување со системите, бидејќи загубите на вода, што технички што економски, се огромни, околу 60 проценти – наведе Марковски.   

Воедно, според него, проблем се и дивите приклучоци, како и непостоењето тарифен модел за фер наплата на вода, слично на оној што го имаме за потрошена електрична енергија.

– Не е логично некој што троши голема количина вода за полнење базени, одржување тревници со голема површина да плаќа еднаква цена за кубен метар како оној што ја користи водата за основни потреби – потенцира Марковски.

Тој додава дека кај населението не постои свест за  потребата од штедење вода, на што, според него, мора да се работи долгорочно.

– Потребни се и казни за оние кај кои ќе се констатира дека трошат повеќе отколку што треба, особено во вакви кризни периоди. Потребни се стручни наместо партиски вработувања  во комуналните претпријатија и во јавните институции задолжени за оваа проблематика, што подразбира преземање мерки за подобрување на уписите на државните универзитети – дециден е Марковски.

Според „О2 Иницијатива“, потребно е и воведување серија мерки, меѓу кои: забрана за користење пивка вода за индустријата, освен онаму каде што е неопходно, како во прехранбената индустрија, забрана за користење пивка вода за миење возила, односно сите сервиси за миење возила да си обезбедат техничка вода, наводнување на зеленилото во градот само со техничка вода, миење на улиците, плоштадите кога е дозволено, само со техничка вода, украсните фонтани да користат само техничка вода.

Во текот на сушен период, како што е летниот, велат дека треба да се забрани полнење на приватните базени, миење на дворовите, терасите, плочниците, улиците со вода, да се ограничи полевањето на градините и на тревниците на секој втор ден и тоа само во одреден период од денот, кога е најмалку критична состојбата, да се воведе прогресивно наплаќање на водата, колку повеќе се користи толку поскапа да биде, потоа лимитирање на 50-80 литри вода дневно по жител, по потреба воведување високи парични казни и кривична одговорност за дивите приклучоци, како и високи казни за вода што тече неконтролирано.

– Овој проблем нема да исчезне сам од себе, а зборуваме за клучна работа каква што е водата. И затоа мора да стане клучна во секоја есенска кампања за локалните избори – не како уште едно празно ветување, туку како обврска за изградба на одржлив, постојан и безбеден систем за вода, кој ќе ги преживее летото, урбанизацијата и иднината – истакнуваат од „О2 Иницијатива“.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ