Ракот одамна не е „туѓа“ болест, тој е во соседната зграда, во семејството, во канцеларијата, во чекалниците на клиниките, речиси да нема човек чиј член на семејството или, пак, познајник не се бори со оваа опака болест. Тоа е битка со стравот, неизвесност и долги патеки до дијагнозата, а бројките покажуваат дека оваа сурова вистина тивко ни го убива населението: малигните заболувања се втората најчеста причина за смрт во Македонија, веднаш по болестите на срцето и на крвните садови.
Најновата анализа на податоци обработени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), врз основа на статистиката на Државниот завод за статистика, открива дека расте смртноста од рак и дека не е еднаков ризикот – најмногу страдаат мажите и повозрасните.
Умира секој 460. граѓанин
Во периодот 2010–2024, стапката на морталитет од малигни неоплазми во Македонија се зголемила од 180,3 на 217,0, на 100.000 жители. Тоа би значело дека денес од рак умира приближно еден човек на секои 460 граѓани. Податоците покажуваат дека мажите во Македонија умираат значително почесто од рак отколку жените. Статистички тоа значи дека годишно умира по еден на секои околу 403 мажи, додека кај жените – една на секои околу 654. Оваа разлика најчесто се поврзува со повеќе фактори – повисоката изложеност на ризици како што се пушењето и небезбедноста на работното место, но и послабиот одѕив на превентивни прегледи и доцното јавување на лекар.
Ризична категорија се луѓето над 65 години, кај нив смртноста од рак е драматично повисока од помладите возрасни групи. Во 2024 година, стапката кај оваа група била 821,3 на 100.000 жители, и тука повторно мажите се најпогодени: мажи 65+ – 1072,7 жени 65+ – 612,2. Мажите ги убива ракот на белите дробови, смртноста од овој вид на рак во 2024 година достигнала 71,3 на 100.000 мажи, кај жените, најчеста причина за смрт е ракот на дојка, со стапка 39,4 на 100.000 жени во 2024 година.
Превенцијата е моментот каде што здравствениот систем мора да даде сè од себе, бидејќи овие ракови се поврзани со ризик-факторите и со раното откривање, а тоа значи дека може да се спречат голем дел од трагедиите со превенција, скрининг и со навремен третман, велат невладините организации. Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) алармираат дека скринингот за рак на грлото на матката не ја постигнува целта – опфатот паѓа, а 39 општини останале без матичен гинеколог.
Паралелно со бројот за смртност од рак, кој расте, истражувањето на оваа невладина организација што ја мониторирала „Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања – компонентата за рак на грлото на матката за 2023 и 2024 година“, открива сериозни слабости во планирањето и реализацијата.
Опфатот е далеку под целта и е во пад
Според анализата, Министерството за здравство во 2023 година планирало да опфати 25.000 жени на возраст 21–59 години, што е околу 5 % од целната популација, иако самата програма има цел 75-процентен опфат во три години, односно околу 25 % годишно.
– За скрининг на малигни заболувања се издвојуваат само 23 милиони денари годишно, сума што останува непроменета со години и треба да опфати четири различни малигни заболувања. Ги повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ-вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи – порачуваат од ЕСЕ.
Нивното истражување дава загрижувачки податоци за падот на скринингот на матката за 22 % во 2024 година во однос на претходната. Како едни од главните причини за малата превенција ги посочуваат недоволниот број и нерамномерната распределба на матични гинеколози.
– Недостигот од гинеколози во околу 40 општини, ограниченото функционирање на мобилната гинеколошка амбуланта и административните бариери дополнително го отежнуваат пристапот на жените до навремена превенција – алармираат невладините организации, кои велат дека за многу жени скринингот не е прашање на избор, туку прашање на можност, дека мора да патуваат во друг град дури и за основен превентивен преглед.
Иако постои интернет-платформа за самопријавување за превентивен преглед (skrining.zdravstvo.gov.mk), сепак, во 2023 година само околу 2.000 жени, односно 3 % од опфатените, се пријавиле сами. Според анализата, тоа укажува дека жените или не се информирани за платформата или немаат дигитални вештини, особено во руралните и во ранливите средини. Има и такви што иако се пријавиле кај својот матичен гинеколог за бесплатен скрининг, сепак, никогаш не биле контактирани, со објаснување дека системот „Мој термин“ не им ги испратил пријавите.
Анализата на невладините организации алармира и за друг проблем: во програмата за 2024 година, на здравствените власти, не биле објавени клучни информации, како вкупниот буџет и планираниот број жени за опфат, што ја намалува транспарентноста и ја отежнува јавната контрола. Заклучокот е дека Македонија заостанува зад современите европски практики, каде што се препорачува ХПВ-тестот како примарен скрининг-метод.
– Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од него. Алармантен е податокот дека во 2024 година, со организираниот скрининг биле опфатени само околу 10 % од целната група жени, далеку под минимално потребниот праг за ефикасна превенција – заклучуваат од ЕСЕ во анализата што ја објавија на Светскиот ден за борба против ракот. (П. А.)
МЗ: Пушењето најголема причина за рак на белите дробови
Употребата на тутун е водечка причина за рак што може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број починати лица од малигни неоплазми на бронхиите и на белите дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушењето значително ги продолжува животниот век и квалитетот на животот и токму на Светскиот ден за борба против ракот уште еднаш апелираме за важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, велат од Министерството за здравство.
Табела 1: Вкупна стапка на смртност од малигни неоплазми
| Година | Стапка на морталитет (на 100.000 жители) |
| 2010 | 180,3 |
| 2024 | 217,0 |
Табела 2: Смртност од рак по пол (2024)
| Пол | Стапка на морталитет (на 100.000) |
| Мажи | 248,3 |
| Жени | 152,8 |
Табела 3: Смртност од рак кај лица над 65 години (2024)
| Возраст 65+ | Стапка на морталитет (на 100.000) |
| Вкупно | 821,3 |
| Мажи | 1072,7 |
| Жени | 612,2 |












