Мажи со туберкулоза, алкохоличари, шизофреничари, бездомници со отечени нозе стануваат војници во украинската армија

203

Луѓе со ментални и со физички ограничувања, кои не би можеле да поминат на регрутација во нормални услови, станаа дел од украинската армија.

Војник што бил регрутиран оваа пролет изјавува за „Дојче веле“ дека во центарот за регрутирање видел бездомници со отечени нозе, зависници од дрога и алкохоличари. Тој вели дека првиот медицински преглед често е само формалност, а некаде дури и не се спроведува, додека подетална проверка на здравјето на регрутите се врши во центарот за обука. Друг војник вели дека во текот на прегледот видел дури и луѓе со епилепсија. Така, како што наведува тој  за ДВ, во 2024 година регрут со шизофренија, по основната обука, бил распореден во поморска бригада. За среќа, неговата болест била брзо забележана, па не му дале оружје и по неколку дена го вратиле дома.

– Ми беше дадена привилегија да избирам луѓе. Но, тие дојдоа без заби или со туберкулоза. Во центарот за обука! – вели еден бригаден генерал од центарот за обука, кој побарал од ДВ анонимност, додавајќи дека тие мажи биле понудени неколку пати во различни бригади, но никој не ги сакал дури ни за копање ровови.

Еден од регрутите чија девојка се обидува да докаже дека не е за во војска, е и 28-годишниот Василиј, кој од 2015 година е на психијатриски третман за растројство на личноста бидејќи има чести паузи во меморијата, дезориентација, ги меша броевите и боите. Неговата девојка, Олена, вели дека бил повикан на воена служба како целосно способен и бил испратен на југот од земјата на обука, најверојатно затоа што не ги признава своите заболувања, па можно е да не ги споменал на лекарскиот преглед. Лекарскиот извештај за Василиј од 2015 година војската го отфрлила како застарен, иако неговата состојба не може да се промени. Во својата анализа, ДВ наведува дека имале пристап до здравствениот наод на Василиј од 2015 година, во кој се наведува дека „има сиромашен вокабулар, ниско ниво на апстрактно размислување, коефициент на интелигенција од 66 и дека дури не го разбира ниту името на својата земја ниту главниот град на Украина“. Олена додава дека под стрес, неговите симптоми се влошуваат.

– Под стрес, таквата личност е непредвидлива и претставува опасност за себе и за другите – вели жена што работи во украинските одбранбени сили и сака да остане анонимна.

Во меѓувреме, основната обука на Василије завршува, по што тој ќе биде распореден во единицата. Адвокатот Евген Зекмистер се обидува тој да добие втора психијатриска процена од воените лекари.

– Ако заврши на бојното поле, ќе биде опасност за целата единица. Не може да предвидите кога ќе попушти неговата психа. А, кој ќе биде на нишан тогаш? – прашува адвокатот.

Од почетокот на годинава, примени се повеќе од 2.000 жалби поради кршење на човековите права во текот на мобилизацијата, известува народниот правобранител Дмитро Лубинец. Во 2024 година, имало околу 3.500. Тој признава дека имало случаи кога биле повикани дури и тешко болни луѓе во војска. Нема точни податоци за тоа, но народниот правобранител верува дека не се оправдани сите жалби.

– Не сите здравствени проблеми се автоматски причина за неспособност. Ако некој има проблеми со грбот, не може да се приклучи на единиците за напад, но може да работи на компјутер – вели Лубинец.

Сепак, според адвокатот Зекмајстер, регрутирањето некомпетентни мажи е широко распространет феномен.

– Еден војник, висок 1,75 метри, тежок 38 килограми, со слаб вид и деформиран граден кош, не може ниту да оди ниту да дише во панцир. И тој е во војска од 2022 година. Постојано се преместува од единица во единица или во болници и ја добива само основната нега – вели адвокатот и додава дека ниту една од неговите индивидуални дијагнози не спаѓа во категоријата „неспособен“, па тој не може да биде отпуштен од служба.

 

ИЗДВОЕНИ