Младиот кочанчанец Мартин Кироски се залепи со самолеплива лента за бандера во близина на фонтаната на плоштадот во Скопје во знак на поддршка за настраданите и повредените од пожарот во Кочани. Герила акцијата е на групата „Супорт Кочани“, а како што истакна Мартин, таа е цо цел да допре до оние кои раководат со државата.
„Донациите, рече тој се намалуваат, а семејствата на оние кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ имаат потреба од пари за да продолжи лекувањето на децата.
„Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо не заборавија. Пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Тие деца ќе немаат цел живот раце. Па ако ништо друго, дај на нив да им помогнеме. Толку ли брзо не заборавивте нас од Кочани. Зошто тој град во овие 30 години никогаш не бил битен? Дај да биде ова пример, да направиме нешто за овој град“, рече кочанчанецот Мартин кој претходно висеше на бандера, во центарот на Скопје.
Тој кажа дека пет другари му загинале во пожарот во „Пулс“.
Фото: Ѕ.Плавевски