Маж во САД почина откако влегол во просторија за магнетна резонанца со метално ланче на вратот

2101

Страшна несреќа се случила во приватна клиника во Лонг Ајленд (Њујорк, САД), каде што 61-годишен маж го загубил животот откако силното магнетно поле на апаратот за магнетна резонанца (МРИ) го повлекло поради металниот ланец што го имал околу вратот, објави „Скај њуз“.

Како што објави полицијата на округот Насау, мажот влегол во просторијата за скенирање во среда, 16 јули, околу 14 часот по локално време додека апаратот за магнетна резонанца бил активен. Носел голем метален ланец кој реагирал на магнетното поле и буквално го повлекол кон апаратот.

Тој претрпел сериозни повреди и бил итно префрлен во болница во критична состојба. За жал, починал еден ден подоцна, во четврток, 17 јули. Неговиот идентитет засега не е објавен.

Иако уредите за магнетна резонанца се сметаат за чудо на модерната медицина бидејќи овозможуваат детален увид во состојбата на речиси сите органи и ткива, поради екстремно силниот магнет тие можат да бидат многу опасни ако не се почитуваат безбедносните процедури.

Според упатствата на здравствените институции, сите метални предмети, вклучувајќи накит, часовници, забни протези, слушни апарати, па дури и облека со метални додатоци, мора да се отстранат пред да влезат во просторијата за магнетна резонанца.

Полицијата започна истрага за да утврди како едно лице влегло во просторијата додека снимањето било во тек и зошто безбедносните мерки не ја спречиле трагедијата.

Д-р Пајал Суд од блиската Универзитетска болница Норт Шор изјави за американските медиуми дека повредите во такви случаи може да вклучуваат задушување, фрактури на ‘рбетот и тежок шок, во зависност од тоа како телото реагира на силата на магнетот.

Апаратите за магнетна резонанца се толку моќни што, според американскиот Институт за биомедицинско снимање, можат да „фрлат инвалидска количка преку просторијата“ ако метални објекти се во близина додека е активна машината.

ИЗДВОЕНИ