Матурантите на „афтер забави“ во преполни дискотеки

Матурантите оваа година немаат многу голем избор на клубови и дискотеки во кои ќе се забавуваат по свеченоста во рестораните организирана од средните училишта. Поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, многу дискотеки во државата се затворени, бидејќи не ги исполнуваат условите за добивање лиценца. Во Скопје има само една дискотека за која ВЕЧЕР доби информации дека работи по 1:00 часот по полноќ. Ова го потврди и директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, кој рече дека Инспекторатот е запознаен со тој случај и дека досега два пати било интервенирано. Во моментов, инспекторите можат само да направат записник на самото место, а да постапат дури по неколку дена откако ќе истече рокот од 72 часа во кој сопственикот треба да го затвори локалот. Директорот на ДПИ рече дека се работи на изготвување нов закон за угостителска дејност, кој ќе овозможи веднаш да се затворат клубовите што немаат лиценца

308

Започна прославувањето на матурските забави. Меѓутоа, за разлика од минатите години, матурантите оваа година немаат многу голем избор на клубови и дискотеки во кои ќе се забавуваат по свеченоста во рестораните организирана од средните училишта. Поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, многу дискотеки во државата се затворени, бидејќи не ги исполнуваат условите за добивање лиценца.

Ова за весникот ВЕЧЕР го потврди и првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, кој рече дека во Скопје, во овој момент, нема ниту една дискотека што ги исполнува условите за работа по еден часот по полноќ.

– Има неколку дискотеки што поднеле барање за добивање лиценца, се работи за три-четири дискотеки за кои постапката за добивање лиценца сè уште е во тек – вели Стојкоски.

По трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, голем број клубови во државата во моментов се затворени поради непоседување соодветна документација.

Во Скопје има само една дискотека за која ВЕЧЕР доби информации дека работи по 1часот по полноќ. Ова го потврди и директорот на ДПИ, кој рече дека Инспекторатот е запознаен со тој случај и дека досега два пати било интервенирано во тој клуб, а последната интервенција била ноќта на 12 мај оваа година.

– Инспекторите на ДПИ, заедно со претставниците на Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, но и со другите институции, постојано вршат контроли за да се спречи работењето на оваа дискотека, бидејќи нема право за функционирање, односно е правно лице што работи без лиценца – додава Стојкоски.

Според одредбите на сегашниот Закон за угостителска дејност, на инспекторите не им е дозволено веднаш да ја затворат дискотеката, туку само да му дадат опомена на сопственикот да го направи тоа во рок од 72 часа. Доколку сопственикот не го затвори локалот, тоа го прават инспекторите на ДПИ, кои со извршители вршат присилно затворање и пломбирање на објектот.

Стојкоски рече дека сега се работи на изготвување нов закон за угостителска дејност за да се овозможи затворање веднаш. Во моментов, инспекторите можат само да направат записник на самото место, а да постапат дури по неколку дена.

– Работиме на промена на Законот за угостителски дејности, со цел инспекторите да може веднаш да ги затворат оние угостителски објекти што работат без лиценца.

И Министерството за внатрешни работи со апел до матурантите да внимаваат како ги прославуваат своите матурски и да не користат алкохол и наркотични средства.

– На матурска прослава без автомобил, без консумирање алкохол, без користење наркотични средства, без нарушување на јавниот ред и мир! – велат од МВР.

Според нив, најголем број од сообраќајните несреќи се случуваат токму во текот на прославувањето на матурските забави, при што најчесто младите се со потешки повреди, но има и такви случаи каде што е фатален исходот.

(С.Би.)

 

ИЗДВОЕНИ