По донесената одлука од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Општина Сарај излезе со известување и предупредување за зголемена внимателност на сите посетители. Оттаму апелираат граѓаните строго да ги почитуваат насоките и поставените знаци, нагласувајќи дека во случај на несреќа поради непочитување на предупредувањето, одговорноста ќе ја сноси лицето што се движело во ризичната зона. За тоа дали и какви мерки ќе се преземат пред да се случи несреќа, институциите си ја префрлаат одговорноста една на друга. Од ДЗС велат дека Општина Сарај, на чија територијата е кањонот Матка, треба да преземе соодветни мерки, а од Општина Сарај се изземат од надлежноста, префрлувајќи ја на Град Скопје.  Од Град Скопје пак упатија на Центарот за управување со кризи (ЦУК), како надлежна институција за проценка и координација при ризици и опасности од ваков тип

 

Одроните од карпи претставуваат опасност за посетителите на кањонот Матка. Тие се регистрирани на пешачката патека низ кањонот, кој скопјани го посетуваат особено за викендите и кој привлекува бројни туристи.

Општина Сарај веќе излезе со известување и предупредување за зголемена внимателност на сите посетители. Притоа, ги информира жителите, домашните и странските туристи, како и сите здруженија што организираат активности во ова подрачје, дека при движење по пешачката патека, постои ризик од паѓање камења.

Од Општина Сарај апелираат граѓаните строго да ги почитуваат насоките и поставените знаци, нагласувајќи дека во случај на несреќа поради непочитување на предупредувањето, одговорноста ќе ја сноси лицето што се движело во ризичната зона.

Предупредувањето следува по донесувањето на одлуката од страна на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тоа стапува во сила веднаш и ќе важи до понатамошното известување.

Од Дирекцијата велат дека веќе поставиле табли на локациите што се оценети како ризични, со јасни ознаки за можен одрон.

За тоа дали и какви мерки ќе се преземат пред да се случи несреќа, институциите си ја префрлаат одговорноста една на друга.

Од ДЗС велат дека Општина Сарај, на чија територијата е кањонот Матка, треба да преземе соодветни мерки.

– Општината треба самата да види што може да направи, а доколку е потребно, и да побара помош од Град Скопје и од Владата – наведоа од ДЗС.

И од Општина Сарај се изземат од надлежноста, префрлувајќи ја на Град Скопје.

– Ние предупредивме за опасноста. Наше е да информираме за можноста од несреќа. Кањонот Матка е споменик на природата и е во надлежност на Град Скопје, ние немаме други овластувања – децидни се од Општина Сарај.

Од Град Скопје, до затворањето на весникот, не одговорија дали и што ќе преземат во однос на ризикот од одрон на камења на патеката во кањонот Матка.

Кањонот Матка, како дел од Скопската Котлина, се простира во југозападниот нејзин дел, сместен по долниот тек на реката Треска, на површина од 6.576 хектари. Богатството на природни и културни вредности го вбројуваат во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Македонија. Мозаикот од најразлични геолошки, геоморфолошки, хидролошки, флористички и фаунистички карактеристики придонесуваат тој да претставува едно од најзначајните заштитени подрачја во нашата држава.

Прекрасните видиковци, богатството на спелеолошки објекти, особено на пештери, уникатниот жив свет, културното и духовното богатство, како и близината до градот, геодиверзитетот, богатството и разновидноста на компонентите на биодиверзитетот (флората, фунгијата и фауната) беа основната причина Собранието на Град Скопје во 1994 година да го прогласи кањонот Матка за споменик на природата.

Природните вредности на споменикот на природата кањон Матка произлегуваат од големото богатство и од диверзитетот на видовите. Одделни растителни и животински видови што се регистрирани на подрачјето на оваа заштитена област имаат особено значење, бидејќи се опфатени со меѓународните инструменти за заштита на природата, односно се вклучени во прилозите на меѓународните конвенции, договори, директиви на ЕУ за заштита на природата и IUCN црвената листа на загрозени видови.

(А. П.)           

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ